December 1, 2021 16:25
Скопје

Шилегов: Силна финансиска поддршка за граѓаните, поевтин оброк за учениците и помал трошок за градинките

Покрај здравствените ризици кои ги донесе пандемијата на Ковид-19 во изминатите 2 години, силно беа погодени економијата и семејните буџети на граѓаните. Затоа, Град Скопје подготви пакет од силна финансиска поддршка за сите групи граѓани. Скопје е град на солидарноста и како таков се грижи за сите, а парите на граѓаните да ги враќа онаму каде се најпотребни.

– Овој пакет од социјални поволности е наменет за сите групи, за возрасните и пензионерите, лицата со попреченост, лицата со ретки болести, младите и идните родители. Продолжуваме со остварување на активности за поквалитетен живот во нашето Скопје, за подобро секојдневие на нашите сограѓани, за поудобни и побезгрижни денови во овој град, изјави градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.

– Пензионерите и повозрасните граѓани се извор на знаење, искуство и мудрост. Тие го граделе Скопје и ја заслужуваат поддршката од градот. Затоа им го олеснуваме животот и се грижиме за нивните потреби. Овозможуваме бесплатен јавен градски превоз за сите пензионери во Скопје секој ден во неделата. Нашите повозрасни граѓани ќе можат слободно да се движат и да ги остваруваат своите обврски, а не само вторник и петок. На тој начин гo запираме метежот во работните денови во градските автобуси за луѓето кои одат на работа, или на училиште, нагласи Шилегов.

– Овозможуваме бесплатен медицински транспорт за лицата во трето доба и лицата со попреченост до здравствените институции во градот. За поголема самостојност и независно функционирање, обезбедуваме ефикасен, безбеден и бесплатен транспорт, продолжува Шилегов.

– Се грижиме и за лицата со ретки болести, како инклузивно општество кое се грижи за сите. Лицата со ретки болести кои живеат во Скопје ќе можат исто така бесплатно да го користат јавниот градски превоз. Трошоците за хроничната терапија која ја примаат ги олеснуваме преку финансиско ослободување за јавниот превоз, за нив и нивната придружба при користење на превозот, порача Шилегов.

– Во пакетот финансиска поддршка се вклучени и младите кои се движечката сила на градот. Ги поддржуваме во личниот и професионалниот развој. На сите постдипломци и докторанди кои студираат на државните универзитети во Скопје им овозможуваме бесплатен превоз во градските автобуси, изјави Шилегов.

– Сите ученици од државните основни училишта во градот ќе добиваат до 50% поевтин оброк за време на престојот во училиште. Ќе доделуваме 100 стипендии во висина од 12.000 денари месечно за најдобрите средношколци од средните училишта на Град Скопје кои ќе се запишат на некој од државните универзитети. За секој средношколец, обезбедуваме бесплатно овошје за време на училишниот престој. Создаваме навики кај младите за здрава и среќна иднина, додава Шилегов.

– Инвестираме во среќата за идните родители и за сите семејства во градот. Го субвенционираме згрижувањето на децата во државните градинки преку покривање на 50% од месечниот трошок. Ги поттикнуваме семејствата да останат во Скопје, тука да се развиваат и остваруваат. За остварување на желбата за потомство, го помагаме процесот на Биомедицинско потпомогнато оплодување преку финансиска поддршка на паровите. Го дополнуваме семејниот буџет за дополнителните трошоци што не се признаени со основните поволности на Фондот за здравствено осигурување или во дополнителен обид кој не е покриен од Фондот, потенцираше Шилегов.

Град Скопје развива социјална политика на локално ниво која се повеќе се доближува до граѓаните и нивните судбини преку реални социјални мерки наменети за нив. Градот станува еднаков за сите граѓани, транспарентен и солидарен град, град на успешен соживот.

– Постојаната комуникација со секој наш сограѓанин и подадена рака на секој на кого му е потребна е препознатлив пристап за нас. Ни претстои една поинаква приказна во социјалната слика на градот. Од Скопје правиме социјално сензитивен град за посреќни мигови, заклучи Шилегов.