October 31, 2020 14:59
Скопје

Шилегов: Во моментов има околу 140 дивоградби, за нивно решавање потребна е соработка на Градот и општините

На територијата на Град Скопје во моменотв има околу 140 дивоградби. Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, како и претходно, повтори дека оваа институција нема ингеренции врз нив и оти затоа е потребна соработка со сите скопски општини и градоначалници. Тој очекува решение за ова да се најде и со натамошното спроведување на децентрализацијата.

– Јас неколку пати во изминатоиот период сум го кажал своето мислење за функционирањето на инспекциите на територија на Град Скопје кои се со измешани ингеренции. Очекувам дека во процесот на децентрализација ќе се добие конечно плурализам кога е инспексискиот надзор во прашање помеѓу градот и општините, со цел Градот да има некаква контрола на случувањата на терен, рече Шилегов одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференцијата во општина Аеродром.

Нашата статистика, додаде Шилегов, покажува дека во овој момент на терен има околу 140 дивоградби на територија на Градот и оти тоа е нешто за што сите градоначалници треба да преземат соодветни дејства.

– За да се овозможи нормално функционирање на Градот како институција со цел да се подобри квалитетот на урбанистичкото планирање и да се скрши урбанистичкото дивеење, треба да се создаде еден формален однос меѓу Градот и општините за да се спречи ваква девастација во иднина, рече скопскиот градоначалник.