August 14, 2022 21:46
Свет

Шефот на италијанската дипломатија Ди Мајо го напушта „Движењето пет ѕвезди” и формира своја партија

Шефот на италијанската дипломатија Луиџи ди Мајо вчера изјави дека го напушта „Движењето пет ѕвезди” за да формира нова парламентарна партија, поддржана од премиерот Марио Драги.

Ди Мајо се одлучи на овој потег откако го обвини лидерот на „Движењето пет ѕвезди” и поранешен премиер Џузепе Конте дека ја поткопува владината поддршка за Украина и го ослабува влијанието на Рим во Европската унија.

Расколот во „Движењето пет ѕвезди” може да предизвика нови нестабилности во повеќепартиската коалиција на Драги.

На „Движењето пет ѕвезди” се повеќе му пречи испраќањето оружје од Италија во Украина, а нашироко се шпекулира дека Конте размислува да ја повлече партијата од владата за да го запре падот на популарноста на партијата на анкетите.

Доколку „Движењето пет ѕвезди” навистина одлучи да се повлече од владата, Драги сепак ќе има мнозинство, но тој повеќе нема да биде на чело на коалицијата „национално обединување”, за што се согласи во февруари минатата година.

Дури и ако Драги одлучи да го надмине ова, другите партии би можеле да го следат примерот на „Движењето пет ѕвезди” што би ја загрозило неговата коалиција.

„Движењето пет ѕвезди” е партијата со најмногу пратеници во парламентот, а на последните избори во 2018 година освоија дури 33 отсто од гласовите. Сепак, нејзината популарност оттогаш е значително опадната, откако го загуби нејзиниот популистички имиџ поради учеството во владата.

Според последните анкети, партијата може да смета на околу 13 отсто од гласачите, а на локалните избори минатата недела освои едвај три отсто од гласовите.