February 2, 2023 02:11
Македонија

Шеснаесет дена активизам за 365 дена без насилство

Потребна е свест, волја и силни заложби за наметнување на здрави концепти на живеење, на здраво семејство, здрава работна средина, здраво општество каде ќе нема место за дискриминација, за булинг, за насилство во било каква форма, истакна градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓеорѓиевски на денешниот настан што се одржа во рамки на кампањата „16 дена активизам за 365 дена без насилство”.

Тој  истакна дека, како локална самоуправа која се грижи и презема значајни чекори за сигурноста и безбедноста на секој свој жител, општинa Киселa Вода кампањата ќе ја спроведува во текот на целата година. Градоначалникот додаде дека ќе се реализираат низа активности поврзани со препознавањето, адресирањето и превенцијата на насилството врз жената.

– Посебен акцент ставаме врз заштитата на најмладите, врз спречувањето на врсничкото насилство кое во најразлични форми е се поприсутно во нашето општество. Оттука, низ сите училишта ќе се одвиваат обуки за кои се надевам дека ќе придонесат во подигнување на свеста кај учениците, ќе помогнат да свртиме вниманието кон проблемот што светот со години наназад светот го игнорира, а жртвите, за жал, го живеат, рече Ѓеорѓиевски.

Тој нагласи дека неопходно е да се разговара, да се сподели, да се охрабри, да се заштити, бидејќи, како што рече, проблемот може да постои насекаде, и во домот, во училницата и на работното место.