February 4, 2023 06:25
Спорт

Шведска и Франција ја формираа другата полуфинална двојка на Мундијалот

Франција и Шведска ја сочинуваат втората полуфинална двојка на 28. Светско ракометно првенство за мажи, откако во вечерашните дуели овие селекции ги совладаа Германија (35:28), односно Египет (26:22). Претходно полуфинална пресметка си закажаа Шпанија и Данска.

Овие четири селекции ќе разигруваат за распределба на медалите по третпат на последните четири големи натпреварувања. Оваа четворка беше изменета на ОИ-2021 кога Египет ја изненади Шведска, која вечерва му се освети (26:22) за таа елиминација.

Ко-домаќинот на Мундијалот, актуелниот европски првак Шведска на свој терен не дозволи изненадување. Решавачката предност беше направена во првите 30 минути во кои домаќините бодрени од публиката направија позитива од 5 погодоци по што беше многу полесно во продолжението.

Екберг со шест погодоци беше прво име во таборот на победникот, додека кај поразените еден помалку постигнаа Кадах и Махмуд.

Проблеми за Швеѓаните може да биде повредата на нивнито најдобар играч Годфридсон кој доживеа фрактура на показалецот на левата рака.

Французите беа поуспешни од Германија (35:28) откако го скршија отпорот во вториот дел на средбата кој го добија со 19:12. Најдобар поединец во редовите на „триколорите“ беше Фабрегас со пет постигнати гола, додека кај Германците шест постигна капитенот Гола.