February 2, 2023 02:18
Свет

Шведска и Финска мора да направат повеќе за да влезат во НАТО

Официјална Анкера верува дека Шведска и Финска презеле „позитивни чекори” во борбата против тероризмот, што беше услов поставен од Турција за поддршка на нивниот влез во НАТО, но дека треба да направат повеќе за да ги исполнат барањата на Анкара, изјави денеска шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу.

– Новата влада во Шведска е порешителна од претходната и ние го прифаќаме тоа со задоволство. Тие направија законски измени и сето тоа се позитивни чекори, рече Чавушоглу на прес-конференција во Букурешт, на маргините на министерскиот состанок на НАТО.

Министрите за надворешни работи на Шведска, Финска и Турција вчера имаа средба на маргините на тој состанок.

Но, турскиот министер додаде дека без оглед на „убавите зборови и одлучноста” на двете нордиски земји, Турција сепак очекува „конкретни мерки”.

Турција ги обвинува Шведска и Финска за попустливост кон Курдската работничка партија (ПКК) и нејзините сојузници, како што се Единиците за заштита на народот, и од мај го блокираше влезот на двете нордиски земји во Атлантскиот сојуз. Шведска и Финска поднесоа барање за влез во НАТО во мај, како одговор на руската инвазија на Украина.

Унгарија која, освен Турција, е единствената земја во НАТО која досега не го ратификуваше влезот на Шведска и Финска, соопшти дека тоа ќе го направи во првиот дел од февруари 2023 година.

Турција се уште не одредила датум кога Парламентот ќе одлучува за ратификување на влезот на двете нордиски земји во Алијансата.