August 14, 2022 09:37
Македонија

Шахпаска ќе учествува на Меѓународната конференција за демографска отпорност во Софија, Р. Бугарија

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска попладнево замина во Софија, Р. Бугарија каде ќе ја предводи македонската делегација на дводневната Меѓународна министерска конференција, на која главна тема ќе биде демографската отпорност во услови на големи демографски промени.

Македонската делегација, покрај министерката Шахпаска е составена од Апостол Симовски, директор на Државниот завод за статистика,  како и Ана Данева Маркова, претседателка на Комитетот за безбедно мајчинство.

На конференцијата насловена „Обликување на европската демографска иднина“, која ја организира Владата на Република Бугарија и Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА),  министерката Шахпаска, меѓудругото,  ќе зборува и за родовата еднаквост, како и за креирање и имплементирање на родово одговорни политики како клучен елемент во развојот на сеопфатен одговор на демографските промени.

На маргините на Конференцијата министерката Шахпаска ќе има средба со Галаб Донев, вице-премиер за економски и социјални политики и министер за труд и социјална политика во Бугарија.

Министерката Шахпаска ќе има средба и со извршната директорка на УНФПА Наталија Канем, како и со Алана Армитаж, директорка на регионалната канцеларија на УНФПА за источна Европа и централна Азија.