November 30, 2020 14:23
Македонија

Шахпаска: Центарот за социјална работа во Куманово е успешен пример за интегриран начин на водење на случај

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска во рамки на работните активности на Министерството за труд и социјална политика го посети Центарот за социјална работа(ЦСР) и Дневниот центар за лица со попречености во Куманово.

Министерката Шахпаска го посочи работењето на Центарот за социјална работа како успешна приказна на имплементација на проектот интегрирано водење на случај, иако  тој претставува центар во кој има огромен број на барања од страна на граѓаните, односно околу 17 800 корисници на услуги и права, од кои околу 13 000 интегрирано водење на случај.

Во услови на пандемија, министерката Шахпаска истакна дека Центарот одлично се реорганизирал, и овозможил  на пократок начин да ги доближи услугите на граѓаните, преку отворање на шалтерско работење кој овозможува брз прием на документи и нивно процесуирање, со цел заштита на вработените и барателите на социјални права и услуги, а истовремено и брз одговор на барањата на граѓаните.

„Остварувањето на правото за ГМП денес е олеснет со тоа што наместо да се пријавуваат во Агенцијата за вработување минимум 3 месеци,  рокот е намален на еден месец, а барателот на ГМП во име на своето домаќинство не мора да биде пријавен во Агенцијата за вработување. Сето ова е во насока на олеснување на пристапот на овие граѓани на кои особено во услови на пандемија ови парични средства им се неопходни,”посочи Шахпаска.

Директорката на Центарот за социјална работа (ЦСР) информираше и за зголемување на бројот на деца кој ќе добиваат образовниот додаток за 2.5 пати споредено со периодот пред пандемијата, на што министерката се надоврза дека се прават измени во Законот за социјална заштита, во делот на нивно задолжително присуство на настава бидат присутни 85% како предуслов да го добиваат образовниот додаток.

„Центарот за социјална работа во Куманово е успешен пример за интегриран начин на водење на случај, што претставува еден нов начин во социјалната заштита, кој навистина помага граѓаните полесно ги добиваат услугите и правата, ги решава нивните проблеми и да излегуваат од системот. Суштината на социјалната реформа не е регрутирање на поголем број на корисници, туку нивно вадење од сиромаштија и преку процесот на активација ги оспособите за работа  преку Центрите за социјална работа и Агенцијата за вработување ,” истакна Шахпаска.

Министерката Шахпаска го посети и Дневниот центар за лица со попречености во Куманово каде што разговараше за моменталната состојба и предизвици со кои се соочуваат во него и самото функционирање во услови на КОВИД 19.