November 30, 2020 12:04
Македонија

Шахпаска учествуваше на панел дискусија по повод Меѓународниот ден за борба против сиромаштијата

По повод Меѓународниот ден за борба против сиромаштија, денес министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска учествуваше на панел дискусија на тема “(Не)видена сиромаштија”, во организација на Сојуз на здруженија на граѓани и поединци “Македонска платформа против сиромаштија” (МППС).

На овој настан, свое воведно обраќање имаше претседателката на МППС Билјана Дуковска, а во дискусијата беа вклучени учесници од владиниот и невладиниот сектор, како и граѓани. Низ дискусијата беа презентирани состојби во кои се наоѓаат ранливите групи на граѓани, со особен акцент на последиците настанати од пандемијата со КОВИД-19, а од министерката Шахпаска беше побарано да даде свое учество во дискусијата во делот на улогата на МТСП во намалување на сиромаштијата и да одговори на прашања од граѓани.

Од страна на министерката Јагода Шахпаска, беа искажани заложбите на МТСП како активни учесници во премостувањето на последиците настанати од пандемијата со КОВИД 19 и намалување на релативната и апсолутната сиромаштија, кога целиот свет се соочува со отпуштање од работа на работниците.

„За да се постигне оваа цел, како решение беше донесен и 4 пакет економски мерки од страна на Владата, согласно кој ќе бидат поддржани најранливите категории граѓани, пензионерите со пониски пензии од 15.000 денари,  пасивните баратели на работа, самохраните родители, жени земјоделки, сезонски работници, корисниците на државна пензија, малите и средни претпријатија, како и помош за угостителскиот сектор, транспорт и туризам, како едни од најпогодените со пандемијата“, истакна Шахпаска.

Министерката посочи дека  најважно е  да се зачува секое работно место и потсети на уредбите со законска сила донесени во корист на лицата коишто ќе останат без работа, а донесени за време на вонредната состојба, како и за мерките  за лицата кои се тешко вработливи на пазарот на труд и  оперативните планови за вработување со средства кои се предвидени во буџетот.

Со цел поголем опфат на лица приматели на Гарантирана минимална помош, Владата го олесни пристапот на овие лица и со тоа обебеди поголеми можности , да влезат побрзо во системот како корисници.

Министерката се заблагодари на организаторот за поканата за учество и можноста за дискусија на оваа тема. Таа порача дека  испорачување на социјална правда е една од главните заложби на МТСП, кое е секојдневно на прва линија заедно со граѓаните во обезбедување на услови за пристојно живеење во овие моменти на светска пандемија.