November 29, 2020 04:51
Македонија

Шахпаска: Ова законско решение ги адресира сите основи на дискриминација и е од големо значење за сите граѓани

Министерката за труд и социјална политика , Јагода Шахпаска  денеска учествуваше на јавна расправа пред второто читање на Законот за спречување и заштита од дискриминација  организирана од страна на Комисијата за европски прашања и Комисијата за еднакви можности во Клубот на пратеници.

На почетокот на јавната расправа,  Шахпаска го истакна значењето на овој закон, кој претставува важна алатка во усогласување на домашното со европското законодавство особено за земји како нашата кои претендираат да бидат дел од Европската Унија. Таа го потенцираше периодот наназад како период на вакум кога граѓаните немаат каде да ги адресираат своите проблеми.

„Ова законско решение беше изгласано во 2018 година, кога тогашниот претседател на државата не го потпиша указот за негово прогласување и оттука повторно беше вратен во Собранието   и пратениците го изгласаа. Заради процедурални пропусти во мај оваа година беше укинат од Уставниот суд“,  рече  Шахпаска.

Министерката посочи дека овој Закон регулира и избор на Комисија за спречување и заштита од дискриминација ,која е независно тело составено од седум професионалци со седум годишно искуство од областа на човековите права и пет години во делот еднаквост и недискриминација.

„Со овој Закон е предвидено не само Комисијата да дава препораки и мислење, туку доколку дискриминаторот не постапи согласно препораките да може да се покрене постапка пред прекршочен суд,  а притоа пристапот на граѓаните за заштита на нивните права доколку процесот продолжи во судска постапка е на товар на Буџетот на државата“,истакна министерката.

Шахпаска новиот предлог закон за спречување и заштита од дискриминација го посочи како добро законско решение кое ги адресира сите основи на дискриминација , претставува усогласување со европското законодавство и усогласување со член 9 од Уставот според кој сите граѓани се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.