January 15, 2021 02:44
Македонија

Шахпаска: Деинституционализација е вклучување на лицата со попреченост во секојдневното општествено живеење согласно нивните способности

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска беше во посета на групните домови и Дневниот центар за лица со интелектуална попреченост во Скопје, раководени од  лиценцираниот давател на социјални услуги – граѓанското здружение „Порака-Неготино“.

Оваа граѓанска организација е  прв давател на услугата за живеење со поддршка во земјава и се грижи за 87 корисници. Од нив, половина се во Скопје, а другата половина  во Неготино.

„Процесот на деинституционализација како Министерство за труд и социјална политика го поддржуваме и тој продолжува и понатаму. Пред нас е предизвикот за заокружување на процесот до 2027 година согласно проектите. Сите корисници од Заводот во Демир Капија, Заводот Бања Банско, како и Заводот за рехабилитација на деца и младинци во Топаанско Поле, треба да бидат преселени од гломазните институции.“

Таа истакна дека живеењето со поддршка во заедницата ги поттикнува лицата со попреченост, независно од тоа дали се работи за интелектуална или физичка попреченост, да живеат колку што е можно посамостојно. Вклучувањето во дневни центри им овозможува на лицата со попреченост да бидат да бидат креативни и  работно активни.

„Процесот на деинституционализација е начин како лицата со попреченост да бидат вклучени во секојдневното општествено живеење согласно нивните способности, да даваат придонес, да се осамостојат, да стекнат самодоверба и да се осамостојат како што е случајот за четворица корисници кои живеат целосно независно со повремен надзор“, изјави министерката Шахпаска.