November 28, 2020 23:12
Македонија

Шахпаска: Ако доследно се почитуваат протоколите, ќе се заштити здравјето на децата и вработените

Во градинките „Детска радост” и „25 Мај” во општина Гази Баба нема дечиња и вработени позитивни на корона вирусот. Ова, според министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, е пример дека доколку доследно се почитуваат здравствените протоколи, ситуацијата може да се стави под контрола и да се заштити здравјето и на децата и на вработените.

– Ова е приказна којашто треба да биде пример и за останатите установи за сместување на деца, порача Шахпаска при денешната посета на градинката „Темјанушка” во истата општина.

Според Шахпаска, евидентни се резултатите што ги прави локалната власт во Гази Баба во однос на реконструкцијата на градинките и безбедните услови за престој на најмалите.

Во градинката „Темјанушка”, за која се обезбедени средства од Владата, заменети се прозорците и подот и реновирани се санитарните јазли. Во градинката во Јурумјари и во градинките „Морковче” и „Калинка”  проширен е опфатот за згрижување на деца, а при крај се и градежните активности во градинката во Стајковци. Со шест милиони денари се реконструира и кујната во детската градинка во Железара.

– Не застануваме тука. Со идејни проекти за две нови градинки аплицираме во Министерството за труд и социјална политика, како и за Дневниот центар за деца со посебни потреби и сензорната соба, изјави градоначалникот Георгиевски.