August 8, 2022 18:35
Свет

Чуварот на рускиот нуклеарен куфер пронајден со прострелна рана во главата

Пензионираниот полковник на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ), кој неодамна беше обвинет за примање мито, вчера бил пронајден со прострелна рана во неговиот стан во селото Нови, крај Москва. Полковникот Вадим Зимин (53 г.) пиел алкохол со својот брат, а во еден момент отишол во друга соба. Потоа се обидел да се самоубие, покажуваат првите резултати од официјалната истрага објавија руските медиуми. Тие уште известуваат дека Зимин е хоспитализиран на интензивна нега,  откако бил пронајден во локва крв со прострелна рана на главата. Истрагата сеуште не потврдила дали станува збор за обид за убиство или за самоубиство.

Тој своевремено бил телохранител и на Путин но и човек кој бил задолжен за чување на актовката со шифрите од нуклеарните руски ракети, пишува весникот The Mirror.

Во декември 2021 година, Зимин беше уапсен под сомнение дека земал мито од претприемачи во износ од 10 проценти од секоја зделка склучена врз основа на државен договор. Тој во текот на истрагата е разрешен од должноста во Централната царинска управа и одреден му е куќен притвор.

Зимин беше задолжен за чување актовка со руски нуклеарни контроли додека на власт бил и поранешниот руски претседател Борис Елцин. Потоа Зимин продолжил да работи во службата за безбедност, а во времето на Владимир Путин бил унапреден во чин полковник.

Во јавноста има само една фотографија од Вадим Зимин.

Во Русија има три актовки кои содржат предаватели кои предизвикуваат нуклеарен напад доколку се активираат во исто време. Едната актовка е до претседателот на Русија, а другите две се со другите двајца највисоки државни функционери.