October 29, 2020 03:30
Македонија

Четвртиот пакет економски мерки ќе биде објавен в недела, најави Заев

Владата в недела ќе ги објави мерките од четвртиот пакет и со тоа се затвораат дебатите за развој на мерките, соопшти премиерот Зоран Заев.

Денеска се одржуваат последните консултации на економскиот тим министри со претставници на коморите, а за утре е закажан состанок на вицепремиерот Фатмир Битиќи и министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска со Економско социјалниот совет.

Мерките се однесуваат на периодот до крајот на годината и дел од нив ќе се носат преку одлуки на Влада, а еден дел треба да поминат во Собранието. Заев очекува парламентот да ги донесе мерките до 15 октомври. Предвидено е да траат три месеци, но во пакетот има и такви што се однесуваат и за до крајот на 2021 година.

Во однос на субвенционирањето на плати по етничка основа, Заев посочи дека тоа е јасно определено во програмата на 39-та страна во делот каде се работи за водење грижа за еднаквоста при помагањето, односно рамномерниот регионален развој.

„Граѓаните се еднакви, еднаквоста мора да биде застапена, но не може да кажеме дека сме еднакви ако кумановскиот регион има најмногу невработени, после тоа е скопскиот и сите други региони. Тоа значи посебна ориентација по регионите каде има најголема невработеност. Посебно не може да кажеме и дека ни се исто развиени селата и градовите, што значи поголем фокус на селата во делот на поддршката на работни места, инвестиции или развој на севкупните економски аспекти“, рече Заев.