November 27, 2020 08:29
Македонија

Честитка од Џафери по повод Денот на македонската револуционерна борба

Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска упати честитка од негово и од име на пратениците по повод државниот празник 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.

– Со овој празник се одбележува зародишот на револуционерната организација која довела до Илинден од 1903-та и е убава прилика да не потсети на сите храбри и тешки одлуки кои се дел од градењето на државата и пожртвуваноста на големите луѓе со визија и големо срце. И современата историја не става во искушенија кои застануваат пред нас на патот на исполнување на нашите стратешки цели и стремежот на граѓаните на Република Северна Македонија за современа, стабилна, успешна држава која обезбедува добар, квалитетен живот и благосостојба за своите граѓани кои се активни учесници во позитивните промени, се вели во честитката.

Оваа година, кога постои глобалната закана од Ковид-19 по здравјето, здравствениот систем и светската економија, Џафери апелира да се почитуваат здравствените препораки.

– Апелирам да бидете внимателни, да ги следите здравствените протоколи и препораки и да се грижите за себе, за вашите блиски и познаници, за да им помогнеме и да им ја олесниме работата на нашите здравствени работници кои што се вложуваат максимално и се во првите редови во борбата против Ковид-19, со што го загрозуваат своето здравје и здравјето на своите блиски, а се грижат за здравјето на сите нас. Изразувам благодарност и почит за нивната храброст и издржливост. Драги граѓани, нека е честит 23 Октомври, посочува Џафери во честитката.