January 30, 2023 01:54
Македонија

Честитка од Спасовски по повод празникот Свети Климент Охридски

Дозволете во мое име и во име на МВР, на сите православни верници да упатам честитки по повод големиот христијански празник – Св. Климент Охридски – Чудотворец, со желби за добро здравје и благосостојба.

Утрово, во Соборниот храм во македонската престолнина Скопје, кој го носи името на светителот, присуствував на Божествена литургија во служба на Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.

Свети Климент е основоположникот на Македонска православна црква и на нашите писменост и култура. Тој претставува фигура која го осветли патот на Македонецот кон Бога, со зборови ги упатил народите во верата Божја, како прв македонски епископ, а како творец на познатата Охридска школа е најзначајниот македонски средновековен писател и педагог, кој стана заслужен не само за македонскиот народ туку и за целиот христијански свет, насочувајќи го кон идниот век.

Секогаш со посебен пиетет зборуваме за најпознатиот меѓу повеќето ученици на Светите браќа Кирил и Методиј, кој го трансформираше Охрид во лулка на словенската писменост и култура, грижливо го чуваше и негуваше христијанство на Балканот.

Како автор на многу дела, пофални слова на свети маченици и апостоли, како и поуки за големите христијански празници, нему му се припишуваат и опширните житија на Свети Кирил и Методиј, познати како Панонски легенди, кои се најзначајниот извор за проучување на животот и делото на светите браќа, но и  силен доказ за правото на свој јазик, писменост и култура.

Изразувам најдлабока почит кон неговата заслуга за македонскиот народ, идентитет и култура, како светол пример на духовен водач кој се вградува во историјата на европската култура – подвиг кој ние ревносно го продолжуваме обезбедувајќи ги евроатлантските интеграции на нашата земја, како и мир и безбедност за сите наши граѓани.

Нека е за многу години празникот на Свети Климент Охридски!