December 5, 2022 09:52
Спорт

Челзи во тајност договорил трансфер на Нкунку

Фудбалерот на Лајпциг и француски репрезентативец Кристофер Нкунку ќе ја продолжи кариерата во Челзи, откако договорил трансфер во лондонскиот клуб, објави денеска „Билд”.

Според германскиот весник, францускиот напаѓач далеку од очите на јавноста во присуство на медицински тим на Челзи успешно ги минал медицинските прегледи во Франкфурт.

Трансферот ќе биде реализиран во јули идната година, а Челзи, најверојатно, ќе ја активира откупната клаузула во договорот меѓу Нкунку и Лајпциг, која изнесува 60 милиони евра.

„Билд” наведува дека постои можност Нкунку веќе во јануари да се пресели во Челзи, а раководството на премиерлигашот во преговори со челните луѓе на Лајпциг ќе се обиде да го намали обесштетувањето за францускиот фудбалер.

Нкунку (24) дојде во Лајпциг во 2019 година од ПСЖ, за француската репрезентација досега има одиграно осум натпревари.