January 16, 2021 07:00
Балкан

Чадеж: Единствениот пазар на Западен Балкан е важен за Србија

Прашањето на единствениот пазар на Западен Балкан е најважното прашање за Србија, изјави денеска претседателот на Стопанската комора на Србија (ПКС), Марко Чадеж и посочи дека Србија минатата година има привлечено 60 проценти од сите странски директни инвестиции во регионот.

Чадеж кажа дека сите економии во регионот се важни и дека обемот на странски директни инвестиции, кои минатата година достигнаа скоро три милијарди евра, ќе беше уште поголем доколку беше формиран единствен регионален пазар.

-Оваа бројка би била многу поголема кога би имале единствен пазар, како за Србија, така и за другите економии во регионот, бидејќи сите тие би профитирале, изјави Чадеж за РТС.

Говорејќи за пласманот на стоки на Косово, Чадеж оцени дека по потпишувањето на Вашингтонскиот договор има големо зголемување на прометот и наведе дека бројот на српски компании присутни во Косово полека се враќа на нивото од 2018 година.

-Ако во 2018 година без таксите имавме околу 2.800 активни компании кои беа присутни на косовскиот пазар, во 2019 година таа бројка се намали на околу 900 компании, истакна Чадеж, додавајќи дека минатата година забележан е раст на бројот на српски компании кои пласираат артикли во Косово и оти сега ги има околу 2.400.