April 24, 2019 22:19
Македонија

Црногорските социјалдемократи ги номинираа Заев и Ципрас за Нобелова награда за мир

Лидерот на Социјалдемократската партија на Црна Гора, Ранко Кривокапиќ, поднел формална номинација до норвешкиот Нобелов комитет овогодишната награда за мир да им се додели на премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас.

Кривокапиќ предлага двајцата премиери да ја добијат наградата поради постигнувањето на Преспанскиот договор со кој се стави крај на 27-годишниот спор за името меѓу Македонија и Грција.

„Со овој историски договор затворено е прашањето кое ја блокираше европската и евроатлантската иднина на Македонија и создаваше јаз меѓу двете држави“, изјавил лидерот на СДП.

Тој истакнал дека на тој начин Заев и Ципрас покажале политичка подготвеност да донесат надворешно-политички одлуки кои се однесуваат на иднината на нивните добрососедски односи и на иднината на Европа.

Нобеловата награда за мир претставува признание за заслуги од областа на обединување на народите, разоружување или намалување на воените потенцијали, политичко и друго образование и одржување на мировни конференции.

Ова е втора номинација на Заев и Ципрас за Нобеловата награда за мир. Во декември лани во Скопје добитничката на Нобеловата награда за мир во 2015 година, Уидед Бушамауи, објави дека ги номинирала двајцата премиери за оваа престижна награда.

„Номинацијата не е само лично за Зоран Заев и Алексис Ципрас, туку и за сите граѓани. Ова е модел за дијалог и просперитет. Силно верувам дека Македонија или треба да кажам Северна Македонија и Грција ќе ја добијат Нобеловата награда и ќе бидат доказ за светот дека сѐ може да се постигне со договор. Откако ќе биде ратификуван Договорот ќе биде силна порака дека дијалогот е можен“, рече тогаш нобеловката Бушамауи.

Нови вести

Штабот на Пендаровски: Новинарката Снежана Лупевска не ја говори вистината

Igor

Заев од Прилеп: Сите вие што останавте дома знам дека се ежите од помислата за враќање на режимот на Груевски

Igor

Демократската партија на Турците: Ги осудуваме влијанијата врз функционирањето на ИВЗ

Igor