December 1, 2021 22:59
Македонија

Централниот одбор на СДСМ треба да ја разгледува оставката на Заев

Седницата на Централниот одбор на СДСМ, која беше одложена во вторникот поради тридневната жалост, треба да се одржи вечер и на неа се очекува да биде разгледана оставката на претседателот на партијата Зоран Заев.

Доколку оставката биде прифатена, почнува постапка за избор на нов претседател на партијата. Според Статутот на партијата, предвиден е рок од 15 дена за распишување внатрепартиски избори за нов претседател на СДСМ. Изборите се непосредни, со тајно гласање за сите пријавени членови. Новиот претседател, како што најави самиот Заев, треба да биде и мандатар на новата влада. Во јавноста веќе кружат неофицијални имиња за иден премиер.

Дел од членството на СДСМ не ја поддржува оставката на Заев најавена по завршувањето на локалните избори, кога партијата изгуби повеќе градоначалнички места.

Во меѓувреме, се работеше и на зајакнување на парламентарото мнозинство, откако не успеа обидот на опозицијата за изгласување недоверба на Владата на Заев во Собранието.

Вечер заседава и Централното претседателство на Алтернатива, кое треба да одлучи дали ќе ја прифати понудата на Заев, партијата да биде дел од Владата во наредниот период.