August 12, 2020 14:35
Македонија

Централизација или јавно-приватно партнерство како опции за функционирање на лабораториите

Централизација или јавно-приватно партнерство се двете опции за кои се размислува како во иднина ќе функционираат медицинските лаборатории во земјава. Очекувањата на министерот за здравство се дека на ваков начин ќе се направат заштеди во овој дел од здравството.

– Сакаме да направиме заштеда таму каде што може. Ова е поле каде анализите покажаа дека може да се направи заштеда во сума од пет, шест, седум милиони евра затоа што имаме центри кои навистина нерационално ги трошат реагенсите, а тоа се на некој начин нерационално потрошени пари. Во таа смисла ќе одиме со една од двете можности – јавно-приватно партнерство или со централизација, односно централна набавка со што би се вклучиле сите европски норми и регулативи. Тоа значи транспорт на реагенсите, а не на пациентите. Тоа значи дека и услугата ќе биде подостапна, посебно до пациентите во помалите места каде и сега во здравстевните домови не се прави некаква форма на анализа. Крвта ќе биде пратена до најблиската регионална болница, изјави денеска министерот Венко Филипче.

Одговарајќи на новинарски прашања по денешната трибина со здравствените работници, Филипче појасни дека концептот е да има централни лаборатории во кои ќе бидат достапни сите анализи.

– Бројот на лаборатории нема да се намали, туку ќе се намали типот на анализа која се прави во малите лаборатории. Сега се отвора едно пакување за скапа анализа во некој центар каде има само еден -двајца пациенти, а тоа пакување може да анализира сто пациенти. Тука планираме да направиме заштеда, рече Филипче.