February 19, 2020 01:06
Економија

Царовска и Жбогар во Демир Капија: Со вложување во туризмот до локален економски развој

Вицепремиерката задолжена за економски прашања – Мила Царовска, амбасадорот на ЕУ – Самуел Жбогар, и директорот на Светска банка за Северна Македонија – Марко Мантонавели ги посетија винарниците Попова Кула во Демир Капија и Лазар, кои се дел од шеесетина проекти за развој на туризмот.

Вкупната инвестиција е 18 милиони евра средства кои се обезбедени од Европската делегација и Светска банка. Преку овие проекти директно се вложува во 10 дестинации низ државата.

„Сметам дека преку оваа програма во која директно се поттикнуваат компаниите да инвестираат 50% од инвестицијата, а 50% ги покрива проектот добиваме можност да се имплементираат соодветни проекти кои нудат нови содржини. Со ова директно се влијае на развојот на економијата на Тиквешијата и навистина сметам дека понатаму на овој начин ако како држава инвестираме во туристичките дестинации и ги развиваме истите, ги поддржиме компаниите, но исто така и општините може да добиеме навистина една поинаква слика за туризмот којшто нуди огромни можности“, рече Царовска.

Евроамбасадорот Жбогар истакна дека проектот којшто го реализира ЕУ заедно со Светската банка е да се изгради вински бренд којшто ќе може да го промовира туризмот во земјава.

Мантованели, пак, изјави дека тука не станува збор само за економија, бидејќи преку туризмот државите му го покажуваат на светот она што имаат да понудат.