February 28, 2020 02:59
Скопје

Хуманитарната трка „Подај рака 2019″ за поддршка на заболените од Вилсон

Хуманитарната штафетна трка „Подај рака 2019″ за поддршка на заболените од ретката болест Вилсон ќе се одржи денеска кај Школка во Градскиот Парк во Скопје.

Трката, која се одржува по петти пат, е во организација на Здружението на граѓани за поддршка на лица со оваа ретка болест – Вилсон Македонија, со финансиска помош од компанијата ОКТА и Градот Скопје.

-Со овој настан сакаме да им дадеме поддршка и на сите лица кај кои најчесто, како последица на ненавремена детекција, ретките болести оставиле непоправливи последици, како и да им оддадеме почит на оние кои прерано го изгубиле својот живот борејќи се со болеста, велат од Вилсон Македонија.

Од Здружението посочуваат дека раната детекција е суштинска во третирањето на оваа болест и во обезбедување нормален живот за пациентите.

Во рамките на настанот групата „Нокаут” ќе одржи мини-концерт, а настанот ќе содржи и детска трка, бидејќи е многу важно најмладите да се запознаат и да даваат поддршка на лица кои се соочуваат со ретки болести, и со тоа да ја развиваат својата хуманост.

Во трката ќе учествуваат и лица заболени од Вилсон и од други ретки болести со што симболично ќе се покаже дека кога дијагностиката и терапијата се навремено аплицирани, со најголемиот број ретки болести, може да се живее нормален живот, рамноправен со сите здрави луѓе.

Трката како и досега ќе биде штафетна и ќе се трчаат четири пати по еден километар. Котизацијата за учество во трката е симболична и изнесува 200 денари. Заинтересираните кои не се во можност да трчаат, а сакаат да дадат поддршка може да изберат индивидуален пакет Маица + Активна поддршка по цена од 200 денари. Повеќе информации и пријавување за годинешнава трка Подај рака се достапни на следниов линк https://www.smartrace.club/

Болеста Вилсон предизвикува нарушување во метаболизмот што доведува до таложење на бакар во црниот дроб, мозокот и очите, процес кој се одвива постепено, со години, пред појавата на првите симптоми.