December 10, 2019 08:42
Балкан

Хрватската Влада и синдикатите постигнаа договор

По 37 денови штрајк и повеќедневни маратонски преговори меѓу хрватската Влада и синдикатите од образованието, попладнево е постигнат договор, а се очекува уште утре училиштата повторно да почнат со настава.

По вчерашните шест часа преговори, денешната средба на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ со синдикатите траеше само еден час.

Од 1 декември коефициентот на просветарите се зголемува за три отсто. Второто зголемување од еден отсто ќе биде на 3 јуни. Уште два отсто ќе бидат додадени на платите од 1 јануари 2021 година.

За ненаставниот персонал ќе бидат потпишани анекси кон гранковиот колективен договор, со важност до декември 2022 година, јави хрватскиот портал Индекс. Преку уредби за коефицитите ќе се реши прашањето за секретарите, сметоводителите, како и директорите.

– Со денешниот компромис, кој е квалитетен, ќе успееме во 2020 година да ги исполниме сите обврски. Синдикатите прво бараа зголемување на коафициентите за 6,11 отсто од 1 септември оваа година, одговори Пленковиќ на новинарско прашање зошто претходно не им било дадено на синдикатите она што го побарале.

Претседателот на Независниот синдикат на вработените во средните училишта Бранимир Михалинец изјави дека конечно дошло до усогласување. Тој потврди дека и ненаставниот персонал ќе ги добие истите износи, само преку додатоци.

– Можам да најавам, во име на сите колеги, дека од утре штрајкот завршува. Утре сите се враќаат на работните места и продолжуваат да работат. Имаме целосна доверба во Владата и премиерот дека во четврток ќе ја сменат уредбата. Им заблагодаруваме на сите кои ни даваа поддршка и на сите наши членови кои учествуваа во акцијата, потенцираше Михалинец.

Нови вести

Бројот на новороденчиња во БиХ намален за 40 проценти во последните 20 години

Igor

И Хрватска ќе го бојкотира доделувањето на Нобеловата награда за литература на Хендке

Igor

Рама ги повика граѓаните да не ги оштетуваат намерно објектите

Igor