October 29, 2020 18:08
Балкан

Хоти за акцијата на косовската полиција: Ова е само почеток на враќање во нормалност

Косовскиот премиер Авдулах Хоти, по повод синоќешната полициска акција во селото Карачево во општина Каменица и во други места низ Косово, за сузбивање на нелегалното коцкање и трговијата со луѓе, оружје и наркотици, порача дека тоа претставува „само почеток на враќањето во нормалност во сите области”, јави дописникот на МИА од Приштина.

Преку својата страница на Фејсбук, Хоти им изрази благодарност на „сите кои со посветеност и професионалност испланираа и спроведоа една комплексна и деликатна операција”.

– Опереацијата на полицијата во Карачево, поддржана и од другите механизми, претставува доказ дека нашите институции се целосно способни да го гарантираат редот и безбедноста за граѓаните на Република Косово, напиша Хоти.

Во синоќешната обемна операција, за која властите тврдат дека е најголема од таков вид во Косово, беа уапсени 33 лица, меѓу кои и 10 полициски службеници, а беше преземена и акција за уривање на десетина нелегални казина во Карачево.

Основното обвинителство во Гњилане, полицискиот инспекторат и Полицијата на Косово преку соопштение за јавноста информираа дека операцијата е изведена како резултат на речиси едногодишни истражни активности за нелегални дејствија, меѓу кои нелегално коцкање, трговија со луѓе, оружје и наркотици, шверц на стоки и други криминални активности.

Во акцијата се запленети апарати за игри на среќа, разни стоки и други предмети за кои се претпоставува дека се користени во криминални активности.

Селото Карачево, каде што главно беше сконцентрирана акцијата, се наоѓа на самата граница со Србија и стана актуелно откако на почетокот на август годинава таму влезе патрола на уноформирани припадници на српските безбедносни сили. Настанот предизвика бурни реакции во јавноста, а опозицијата ја обвини власта дека не е способна да ја штити трериторијата на државата.