Search

Хорор во студентскиот дом „Стив наумов“: Сé само не дом

Распаднати таолети, тушеви со црева за наводнување, црни рѓосани чучавци од минатиот век, паднати кровови по мијалниците, мувла и ѕидови кои се лупат и распаѓаат, чешми кои не работат. Редовни потстанари лебарки и глувци и по некој стаорец. Надвор, пак, кеси со ѓубре, трева во која може да се сокриете… Не е е сценарио за некој хорор филм туку вистинската слика за еден од најголемите студенски домови во градов, „Стив Наумов“. Студентите за 24 Инфо велат дека условите се мизерни, храната лоша, а од академските спомени кои треба да им бидат најубав дел од животот, помнат само смрдеа која на моменти е неподнослива.

Студентскиот дом „Стив Наумов“ е лоциран можеби на најубаво место во градов од сите домови наменети за идните академски граѓани. Во населбата Автокоманда, под парк-шумата Гази Баба, во непосредна близина на Ветеринарниот, Природно-Математичкиот и Факултетот за земјоделство и храна. Студентите велат дека наместо да се почувствуваат како дома, бидејќи се дојдени од останатите делови на земјава, тие едвај чекаат да си заминат откако ќе завршат со обврските на факултетите.

 

-Ако дом е место во кое треба да ја чувствувате топлината од која сте излезени на 18 години, и да ви биде поубаво, овде има се за да ви го загорчи животот. Санитарниот дел е посебна приказна. Од кофи, пластични шишиња, до скинати црева за туширање, врати кои не се затвараат. Ми требаше долго време да се приспособам на условите. На почетокот само плачев, но наскоро сваќате дека тоа ви е реалност кога немате доволно пари да си изнајмите стан- вели една студентка. Таа веќе две години живее во домот и гледа што поскоро да заврши со факултетоти да си замине од таму.

Податоците велат дека „Стив Наумов“ е најголемиот студентски дом во државата, со капацитет за сместување на околу 2.000 студенти. Составен е од стари бараки, две машки згради и една женска зграда изградена последна, во почетокот на деведесетите години.

Колку и да сте подготвени на мизеријата која ќе ја затекнете во домот, уште при првата посета силен впечаток оставаат физичките условите во кои се одвива секојдневието на станарите во Стив. Наместо пријатен мирис ве пресретнува тешкиот мирис од таолетите кој се шири низ ходниците и како карцином влегува низ собите. А во таолетите приказната е како од јавни ВЦ-а.

Искорнати плочки од кои ако се сопнете може дирекно да завршите во неисчистените чучавци од минатиот век. Половина од казанчињата не работат, а во дел од нив нема таван, паднат е и оставен.

Собите, пак, се посебна приказна. Полураспаднат, нефункционален. На самиот влез на зградите пораки, реклами. Фризер, гел на нокти, бербер има се што ви треба меѓу колегите. Но и графити напишани по вратите и ѕидовите на ходниците. Секаде е присутен обидот на местото да му се даде личен печат.

 

– Ако е дом, значи дека во него треба да се домува треба да биде место во кое ќе создадеме простор кој ќе го нарекуваме дом. Од друга страна најубавите моменти од студентскиот живот можат да бидат деновите поминати во студентските домови. Но дали може тоа да биде во вакви услови- не праша еден студент кој го видовме во ходниците.

Влажни и мувлосани ѕидови ќе затекнете во поголемиот дел од собите во кои ќе влезете. Условите во студентските домови од година в година се полоши. Дел од искуствата се споделуваат по социјалнитемрежи каде денеска секој може се да види и слушне, а информациите се шират со брзина на светлината. Често можат да се прочитат коментари од типот храната е збогатена со лебарки, личи на помија или слично.

Надворешниот изглед на бараките и зградите е посебна приказна. Неваросани со години, излупени даски се гледаат под бојата измиена од дождот и ветрот. По патеките ѓубре, а покрај нив кеси со отад кои ветрот ги носи секаде низ паркот.

Ги оставивме студентите во услови кои се се само не дом. Надевајќи се дека барем некој од одговорните ќе ја слушне приказната која ја раскажуваат и ќе им ја разубави средината. Бидејќи овде не живее било кој, туку нашата иднина…

 

Валентина Ангеловска

 

Треба да знаете
Последни објави