December 9, 2022 00:46
Спорт

Холандија и Хрватска први обезбедија настап на завршниот турнир од Лигата на нации

Холандија и Хрватска се победници во своите групи од дивизија А во фудбалската Лига на нации. Како првопласирани двете селекции се пласираа за завршниот турнир кој ќе се одржи во јуни 2023 година каде четирите победници од групите во А-дивизијата ќе разигруваат за пехарот во ова натпреварување.

На Хрватите вечерва на гостувањето во Виена против Австрија им беше потребна победа за да го сочуваат првото место во групата 1, во која играа и Данска и Франција. По нерешениот исход (1:1) во првото полувреме, постигнат со головите на Модриќ за Хрватска и Баумгартнер за Австрија, домаќините во вториот дел потфрлија, а тоа го  искористија  „коцкестите“ и со погодоците на Ливаја и Ловрен стасаа до потребната победа (3:1).

Хрватска освои 12 бода, еден повеќе од Данска, која ја совлада Франција со 2:0, со головите на Долберг и на Олсен постигнати уште во првото полувреме. Французите, кои се актуелни шампиони во Лигата на нации, уште пред  септемвриски натпревари испаднаа од трката за одбрана на трофејот. Австрија е последна во групата и се сели во дивизија-Б за следната сезона.

Втор патник на завршниот турнир и најверојатно негов домаќин ќе биде Холандија, која е победник во групата 4. Таа вечерва имаше директен дуел со Белгија и доволно ќе ѝ беше и реми да го сочува врвот, но победи минимално со 1:0 со погодокот на Ван Дајк во 73. минута. Еден гол пресуди и на вториот дуел во истата група, Полска славеше на гости кај Велс ():1). Велс е четвртопласиран и се сели во Б-дивизија следната сезона.

Вторите два учесника на завршниот турнир, кој патем е предвиден за периодот од 14 до 18 јуни 2023, ќе бидат познати во следните два дена, кога ќе се одиграат средбите во групите 2 и 3.

Резултати од одиграните денешни натпреаври

ЛИГА Ц, ГРУПА 1
Фарски Острови – Турција 2:1
Луксембург – Литванија 1:0
ЛИГА Ц, ГРУПА 3
Азербејџан – Казахстан 3:0
Словачка – Белорусија 1:1
ЛИГА Д, ГРУПА 1
Андора – Летонија 1:1
Молдавија – Лихтенштајн 2:0