August 13, 2022 17:34
Македонија

ХЕРА: Младите со ограничен пристап до информации и услуги за сексуално и репродуктивно здравје за време на Ковид-19

Денеска, ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување одржа Конференција на која пред присутните го сподели Истражувањето за влијанието кое Kовид-19 пандемијата го имаше врз сексуалното и репродуктивно здравје и права кај младите во Македонија, спроведено од и меѓу младите од пет балкански земји, во рамки на проектот „Младите зборуваат, младите одбираат”. Истражувањето ги документира потребите и искуствата на младите луѓе при барање и користење на информациите и услугите за сексуално и репродуктивно здравје, но, истовремено и ставовите и потребите на давателите на овие услуги и останатите релевантни чинители.

Истражувањето покажа дека младите се соочиле со сериозни потешкотии да дојдат до информации и услуги поврзани со сексуалното и репродуктивното здравје во време на ковид-19 пандемијата што довело до зголемено чувство на несигурност кај нив. Информациите, како што тие изјавија, се „затрупани” заради преголемиот обем на информации за ковид-19, или, пак, поради фактот што недостасуваат национални интернет страници што се релевантни и може да им се верува. Особено голема потреба имало кај младите за пристап до информации за закажување на гинеколошки преглед или добивање консултации до кои потешко се доаѓало во време на пандемијата.

Чувството на страв и анксиозност кај младите мајки поради слабата информираност за ковид-19 влијаело на нивната здравствена безбедност на повеќе нивоа – како и кога да се дојде до лекар и да се закаже преглед или телефонска консултација заради нивна недостапност, но, и каде да се добие релевантна информација за тоа како влијаат ковид- 19 и вакцината против вирусот врз развојот на плодот, но и врз бебињата кои се дојат.

Кога станува збор за младите Роми, предизвиците кои постоеле и пред пандемијата се продлабочиле заради постоечката и непрекината дискриминација, но и заради високиот број на здравствено неосигурани Роми кои практично и немале пристап до услуги за време на пандемијата. Кај нив, непоседувањето на компјутер или било каков дигитален уред, дополнително го отежнал пристапот до информации за сексуално и репродуктивно здравје. Оваа состојба делумно ја надминувале благодарејќи на теренските активности и дадените услуги од невладините организации.

Суда Дехари, членка на младинската група формирана во рамки на проектот, во своето излагање како панелистка на конференцијата истакна “Факт е дека кај нас Ромите клучниот проблем е образованието и пристапот до интернет или поточно кажано пристап до дигитализацијата. Ромите, особено во руралните средини, навистина се соочуваат со потешкотии односно недоволна информираност, немање пристап до интернет, недоволна писменост за дигитализација.”

ЛГБТИ младите имале најголема потреба од психо-социјално советување и грижа за менталното здравје заради фактот што постоечката општествената стигма, недовербата во институциите на системот, дискриминацијата од здравствените работници, била само надополнета со ковид-19 пандемијата, што придонело до поголема социјална изолација и анксиозност кај овие млади.

Даниел Проданов, член на младинската група формирана во рамки на проектот, во своето излагање како панелист на конференцијата истакна “Поради изолацијата и полициските часови кои беа воведени како превентивни мерки за време на ковид-19 пандемијата, младите ЛГБТ луѓе беа принудени да се вратат во своите домови и таму да ги поминат деновите во изолација. Голем дел биле изолирани од своите врсници и делеле ист кров со родителите кои не ги прифаќаат како лица од оваа маргинализирана заедница.”

Конечно, насилството било зголемено во време на пандемијата, особено почувствувано од страна на ЛГБТИ лицата и Ромите. Генерално, постои незадоволство кај младите од одговорот на институциите на системот за решавање на случаи со родово и сексуално-базирано насилство, особено за сузбивање на насилството кое во голема мера се случува на социјалните медиуми врз девојките.

Мартина Павловиќ, членка на младинската група формирана во рамки на проектот, во своето излагање како панелистка на конференцијата изјави „Апсолутно конзервативноста во општеството го зголемува насилството, бидејќи ако пријавите дека соседот ја малтретира сопругата, огромни се шансите вие да бидете виновникот на крај. Бидејќи ја прашуваат жената пред насилникот дали е жртва, нормално дека, незаштитена, ниедна жртва нема да признае. И тогаш вие плаќате казна за лажна пријава. Тоа е коренот на проблемот, не се разговара за она што ни се случува пред очи”.

Конечно, истражувањето јасно покажа дека сексуалното и репродуктивното здравје и права имаат суштинско значење за менталната и физичката благосостојба на една млада личност. При тоа, клучно е континуираното безбедување на квалитетно и достапно сексуално образование, информации и пријателска грижа за сексуално и репродуктивно здравје кај сите млади луѓе и тоа пред, за време и по секоја криза. Младинската група формирана во рамки на проектот во наредниот период ќе застапува пред институциите на власта за подобрување на пристапот до информации и услуги за сексуално и репродуктивно здравје.