Македонија

Хелсиншки: КЗД утврди дискриминација, вработувале само жени на Олимписки базен

Постапувајќи по претставка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Комисијата за заштита од дискриминација утврди директна дискриминација врз основа на пол од страна на Олимписки базен ,,Центар’’ во Скопје кон потенцијални кандидати за добивање на работен ангажман., информираат од Хелсиншкиот комитет.

Претставката, која што Комитетот ја поднесе до КЗД во март годинава, се однесува на оглас за вработување, објавен на 13 март 2019 година на фејсбук страната на деловниот субјект, за две работни места – рецепционерк/ка со полно работно време и хигиеничарка со полно работно време.

Според наводите во добиеното мислење од КЗД: ,,Комисијата со Барање за изјаснување  се обрати до Олимпискиот базен Центар да се произнесе по претставката. На ден 03.04.2019 година до Комисијата е доставен одговор со кој ги негираат наводите во претставката и во кој што наведуваат дека во прилог се доставени докази ППР образец и Договор за работа на работно место хигиеничар склучен со лице од машки пол. Меѓутоа, Комисијата од доставените докази не може да увиди дека не станува збор за дискриминација, односно во ППР образецот нема никаков податок за вработено лице, освен потребен број на работници. Додека, пак, наведениот договор за вработување е нецелосен, без потписи, склучен на 18 март 2019, а со важност од 1 март 2019 година.’’

Со оглед на утврдената директна дискриминација врз основ на пол во областа на работа и работните односи, односно оневозможувањето на припадниците на машкиот пол да се јават на огласот, КЗД препорачува да се поништи огласот и повторно да се објави без наведените дискриминаторски содржини. Согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација, дискриминаторот е должен во рок од 30 дена од приемот на препораката да постапи по истата и за тоа да ја извести Комисијата.

Хелсиншкиот комитет продолжува со документирање и пријавување на дискриминаторски огласи за работа и ја поздравува праксата на утврдување на дискриминација во ваквите огласи од страна на КЗД.

Апелираме до работодавачите да не објавуваат дискриминаторски огласи за вработување и ги повикуваме сите кои се почувствувале дискриминирани да го пријават случајот во Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Нови вести

(Видео) Стоилковски: На вечерашниот состанок на ЦО, Заев да понесе одговорност за не добивањето датум за преговори со ЕУ

Filip

Од среда почнува поднесувањето барања за новите права од социјалната реформа

Filip

СДСМ: Заради справување со сиромаштијата што ја остави ВМРО-ДПМНЕ, Владата ја зголемува социјалната помош за 300 отсто

Filip