June 28, 2022 07:14
Македонија

Хелсиншкиот остро го осудува притисокот врз новинарката Соња К. Делевска

Хелсиншкиот комитет за човекови права остро го осудува притисокот врз новинарката Соња К. Делевска со повикување на „службен разговор во врска со поплака” во полициска станица во Скопје, заради објавен текст на порталот СДК.МК. Во текстот, каде е пренесена изјава на адвокатка, која обвинува за побаран поткуп во Министерството за правда, се препознала државна службеничка од министерството. Иако службеничката не била експлицитно именувана во текстот, таа поднела пријава против Делевска, поради тоа што почувствувала вознемиреност по нејзиното здравје и по угледот.

Повикувањето новинар на разговор во полициска станица од страна на вооружени полицајци, а за прашање кое не е кривично дело, туку се процесира во граѓанска постапка за евентуално утврдување на граѓанска одговорност за навреда и клевета, се коси со уставните начела што го гарантираат слободниот пристап до информациите, слободата на примање и пренесување на информации. Комитетот, исто така, смета дека е проблематично тоа што полицијата потклекнала пред барањето на пријавителката, која инсистирала новинарката Делевска да биде повикана во полициска станица.

Со оглед дека пријавителката е државен службеник, а случајот за кој известува Делевска е во насока на разоткривање коруптивни активности во министерството, постапувањето на полицијата кон новинарката Делевска, покрај тоа што ги загрозува новинарските слободи и уставно загарантирани права, може да се смета и за директен притисок врз нејзината работа од страна на институциите.

Поради сето ова, Хелсиншкиот комитет бара од Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи да ја истражи основаноста на постапувањето на полициските службеници во овој случај и да ја извести јавноста за исходот.

Хелсиншкиот комитет потенцира дека на ниту еден начин не смее да се загрозува почитувањето на слободата на изразување и пристапот на информации гарантирани во Европската конвенција за човекови права и во Уставот, како највисок правен акт во државата.

lấy mã giftcode go88

sunwin s.r.o sunwin khoá tài khoản sunwin g63