November 23, 2020 16:57
Свет

Хаос во Лондон поради рестриктивните мерки: судири меѓу полицијата и демонстрантите

Полицијата во Лондон се судри со демонстрантите против рестриктивните мерки насочени кон спречување на ширењето на коронавирусот. Повеќе од 1.000 луѓе се собраа на протестот на плоштадот Трафалгар, а немирите избувнаа кога полицијата се обиде да ги растера демонстрантите.

Демонстрантите носеле транспаренти со натпис„Слобода – не страв“ и „Измама“, а на полицијата и дофрлале да „одбере страна“, пренесува Ројтерс.

Полицајците им наредиле на демонстрантите да се разидат, а еден од очевидците на британската агенција изјави дека неколку стотици луѓе останале на плоштадот.

АП додава дека демонстрантите поставиле блокади со цел да спречат полицијата да уапси некого, како и да биде запрен сообраќајот.

Портпаролот на полицијата нема информации дали некој е уапсен.

Велика Британија забрани собирање на повеќе од шест лица претходно оваа недела во обид да се спречи наглиот пораст на коронавирусни инфекции.

Уште 4.422 нови случаи на коронавирус се пријавени во Велика Британија во последните 24 часа, најмногу од 8 мај. Велика Британија во петокот потврди 4.322 случаи на коронавирус, што е скоро илјада повеќе од претходниот ден. Досега се регистрирани вкупно 390.358 инфекции со коронавирус во Велика Британија, додека починале 41.759 лица.