August 13, 2022 20:26
Спорт

Хамилтон со помош на стјуардите запиша нова победа

Денеска возачот на „Мерцедес“ и воедно актуелен светски шампион во Формула 1, Луис Хамилтон славеше на трката за Големата награда на Саудиска Арабија во Џеда, претпоследна оваа сезона.

Тоа беше вкупно 103 триумф во кариерата на Британецот кој во една интересна трка заврши пред главниот конкурент за титулата, членот на „Ред Бул“, Макс Ферстапен (кој беше побавен за околу 10 секунди, со пет секунди казна поради инцидент во текот на трката) со кој воедно се израмни во генералниот пласман, со по 369,5 поени.

Последната трка годинава која ќе решава за тоа кој ќе биде шампион ќе се одржи за седум дена на 12 декември за ГН Абу Даби во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ).

На победничкиот подиум се најде и вториот возач на „Мерцедес“, Валтери Ботас кој на самиот крај од трката го престигна Естебан Окон („Алпин“). Даниел Рикардо заврши на петтата позиција („Мекларен“), а во најбрзите 10 се најдоа уште Пјер Гасли („Алфа Таури“), Шарл Леклер („Ферари“), Карлос Саинц („Ферари“), Антонио Џовинаци („Алфа Ромео“) и Ландо Норис („Мекларен“).

А вечерашната трка во Џеда ја одбележаа дуелите помеѓу Хамилтон и Ферстапен, но и бројните инциденти и прекини.

Во 10. круг Мик Шумахер, возачот на „Хаас-Ферари“ го разби својот болид. Безбедносното возило излезе на патеката, а Хамилтон и Ботас, водечките возачи во тој период, решија да го искористат за да одат во „боксот“. Ферстапен реши поинаку и го презема првото место.

Тоа беше среќен потег на Ферстапен, бидејќи трката беше прекината во 13. круг поради инцидентот на Шумахер, па Ферстапен ги смени гумите на паузата. Само што трката продолжи, Хамилтон и Ферстапен водеа голема борба за првото место, а клупскиот колега на Шумахер, Никита Мазепин исто така го разби својот болид и трката повторно беше прекината.

После тоа, Окон тргна од првото место, Хамилтон од второто, а Ферстапен од третото, но возачот на „Ред Бул“ ги претекна двајцата на стартот.

Возачите на „Ред Бул“ и „Мерцедес“ имаа голема борба и во 37. круг Холанѓанецот го одби нападот на Хамилтон, но за кратко бидејќи под силниот притисок Ферстапен имаше намера да му го отстапи првото место на Хамилтон. Ферстапен забави за да го стори тоа, па Хамилтон удри во него и го оштети предното крило.

На крајот од 42. круг Ферстапен повторно доби порака дека мора да му ја препушти позицијата на Британецот. Тој го направи тоа повторно, а потоа веднаш го престигна, но доби казна од пет секунди. Потоа, во 43. круг, Хамилтон го обиколи и на крајот славеше.