December 5, 2022 08:01
Спорт

Халанд пишува рекорди во Премиер лигата

Актуелниот фудбалски шампион на Англија, Манчестер сити во градското дерби го совлада и понижи Јунајтед (6:3), а новиот напаѓач на „граѓаните“, Норвежанецот Ерлинг Халанд постигна три гола и имаше две асистенции со што продолжи да ги поместува границите во Премиер – лигата.

Ова е трет меч на кој Халанд постигнува по три гола, иако одигра само 8 натпревари во Премиер – лигата, со што се израмни на листата со неколку легенди на англискиот фудбал. Николас Анелка, Дидие Дрогба, Френк Лампард, Ромелу Лукаку, Кристијано Роналдо и Џејми Варди досега имаат постигнато по три хет-трика.

Халанд исто така е првиот што постигнал три хет-трика на домашен терен во една сезона, а на „Етихад“ одигра само четири натпревари.

Норвежанецот веќе стигна до својот 14. првенствен гол. Рекордот во една сезона го држат Алан Ширер и Енди Кол кои постигнаа по 34.

Од почетокот на сезоната во сите натпреварувања Халанд постигна 17 гола на 12 меча.