December 10, 2022 01:04
Свет

„Фронтекс”: Минатата седмица намален бројот руски државјани кои влегле во ЕУ

 Бројот руски државјани кои влегле во ЕУ измината седмица е за 20 проценти помал споредбено со неделата претходно, а причината за тоа се ограничувањата наметнати од државите-членки на Унијата, соопшти Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс).

Речиси 53 илјади руски државјани влегле во ЕУ од 26 септември до 2 октомври, од кои 29 илјади преку Финска, 8.877 преку Естонија и 8.536 преку Полска, а кои доаѓаат од Украина, информира „Фронтекс”.

„Визните ограничувања, поттикнати од политички аргументи од страна на европските земји и мерките преземени од Русија за да го спречи заминувањето на мобилизираните граѓани, ќе доведат до уште поголем пад на бројот на Руси кои пристигнуваат во ЕУ”, проценуваат во Агенцијата.

Полска и балтичките земји воведоа строги ограничувања за руските граѓани, согласно санкциите воведени по руската инвазија на Украина.

„Нелегалниот влез може да се зголеми доколку Руската Федерација одлучи да ги затвори своите граници за своите граѓани, кои евентуално би можеле да бидат мобилизирани”, додава агенцијата.

Повеќе од 200 илјади резервисти се мобилизирани во руската армија откако беше објавена „делумна” воена мобилизација во Русија поради војната во Украина.