November 29, 2022 05:15
Свет

Француската министерка за надворешни работи во Киев

Француската министерка за надворешни работи Кетрин Колона се наоѓа во посета на Киев, како поддршка на Украина во конфликтот со Русија.

„Здраво Украина, Франција е со тебе”, напиша таа преку Твитер, во порака проследена со фотографија снимена на плоштад во главниот град на Украина, во придружба на францускиот амбасадор.

Пораката на нејзиниот профил истовремено е напишана на француски, англиски и на украински јазик.

Во рамки на нејзината трета по ред посета на Украина од почетокот на војната, Колона се очекува да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски, министерот за надворешни работи Дмитро Кулеба и јавниот обвинител Андриј Костин, како и да го посети жестоко бомбардираниот аеродром „Гостомел” од кој руските сили се повлекоа на крајот на март.

„Министерката сака да ја покаже солидарноста на Франција со украинскиот народ и нејзината непоколеблива решеност да ја зајакне својата поддршка за Украина и нејзиниот суверенитет и територијален интегритет”, се вели во соопштението на француското МНР, во кое се бара и создавање „безбедносна зона” околу нуклеарната централа „Запорожје” што е под контрола на руските сили.

Посетата истовремено има за цел да го истакне „интензивирањето на француската поддршка, како во однос на снабдувањето со одбранбена опрема и борбата против неказнивоста, така и во финансиска и хуманитарна смисла”.

Посетата на Колона доаѓа со завршувањето на референдумите за приосединување четири украински региони кон Русија.

Францускиот претседател Емануел Макрон минатата недела на маргините на Генералното собрание на ОН референдумските изјаснувања организирани од Русија ги нарече „пародија” и „провокација”.