March 30, 2020 18:47
Спорт

(ФОТО) Фемили Аеродром му посвети графит на Коби Брајант

Во аеродромските срца секогаш ќе има место за ваков тип на шампиони, е само една од пораките посветени на легендарниот кошаркар

 

Кошарката нема граници, а тоа уште еднаш го потврдија навивачите на МЗТ Скопје Аеродром. Најверните навивачи на македонскиот шампион се познати по многуте графити кои ги имаат посветено на својот омилен клуб, а од денеска свое место во Аеродром има и за легендарниот НБА кошаркар Коби Брајант.

Еден од најдобрите кошаркари на сите времиња, загина на 26 јануари во хеликоптерска несреќа во Лос Анџелес. Вечерва во Чикаго за прв пат, по завршување на Ол-стар натпреварот ќе биде доделена МВП наградата која од денеска ќе го носи името на Коби Брајант. Ѕвездата која 20 години помина во дресот на Лос Анџелес лејкерс, дури четири пати беше МВП на Ол-стар мечевите и сосема заслужено оваа награда ќе го носи неговото име.

Во аеродромските срца секогаш ќе има место за ваков тип на шампиони, е само една од пораките посветени на легендарниот кошаркар, кој доби свој графит во населбата каде што игра кошаркарскиот првак на Македонија.

Воедно Фемили Аеродром не заборави да искаже почит кон нивниот прерано заминат брат, Виктор Јосифовски – Хард, чија годишнина е токму денес. Иако поминаа седум години од смртта на Харт, фановите на МЗТ никогаш не ги забораваат оние кои вечно ќе живеат во нивните срца.