Со осветување на погачата и бадниковите гранчиња во Соборниот храм „Свети Климент Охридски” почна одбележувањето на Бадник, ден пред големиот празник Рождество Христово – Божик.
Во ограничен број, со почитување на сите заштитни мерки и протоколи и во присуство на годинашните кум и здравичар Никола Пановски и Миодраг Врчаковски, беше осветена погачата од страна на архипископот на Македонската Православна Црква-Охридска Архиепископија, г.г. Стефан.
Бадниковите гранчиња беа делени на главниот влез на црквата и на влезот од страната на камбанаријата. Поради пандемијата, годинава изостана вообичаеното масовно одбележување пред Соборниот храм, а не се одржаа ниту традиционалните детски бадникови поворки како предвесник на утрешниот христијански празник Рождеството Христово – Божик.
По осветувањето на погачата во Соборниот храм во Скопје, Пановски посака следната година овој голем христијански празник да се одбележи како што доликува.
-Одиме на подобро. Секој ден ќе биде полесен од претходниот. Само уште малку трпение да не ја расипеме работава на крај. Имаме поубава година и до година да се собереме како што приличи на секој Бадник, изјави Пановски.
Фото: Слободан Ѓуриќ