August 18, 2019 21:52
Македонија

Фоторепортер- професија во изумирање во Македонија

Заедно имаат над 100 години стаж, секој ден со себе носат по 15 килограми опрема по сите временски услови. Со нивните илустрации ги оживуваат новинарските текстови и раскажуваат приказни за војни, убиства, но и за неповторливи голови од светски првенства, селебрити бракови, избори на претседатели, папи. Понекогаш е доволно да видите само фотографија, текст не ви е потребен, ја разбирате пораката што ја носи. Тоа се Ѓорѓи Личовски, Роберт Атанасовски, Томислав Георгиев и Слободан Ѓуриќ, едни од најпознатите фоторепортери во државава кои за 24 инфо ја раскажуваат својата приказна како е да си фотограф во државава, како е да се работи во услови кога се затворија многу медиуми, за најубавите времиња, но и за најлошите во нивната професија.

-Нашата професија е во ужасна криза. Денеска сме во ситуација кога слободно можеме да кажеме дека за кратко време нема да постојат фоторепортери во Македонија. Ако споредиме со 2000 година кога „Дневник“ беше најсилен и се отвори „Вест“, фоторепортерите беа со најака опрема на Балканот и најдобро платени. Денеска, после 19 години ние сме во најлоша ситуација на Балканот. Тогаш бевме над 30, сега сме помалку од 10. Денес сме жртви на местото во кое живееме, на технолошкиот напредок и на општата ситуација во земјава. Се затворија многу медиуми, еден куп колеги останаа без работа, некои менуваат професија. Платите се многу ниски и не може да се преживее со нив, но и третманот кон нас е никаков- вели Личовски.

Роберт Атанасовски со носталгија се сеќава на 2000 година кога живел само од платата во весникот во кој работел.

-Со таа плата добро живеевме. Сега работиме по портали и цела среќа што работиме по странски агенции кои ни купуваат опрема и ни овозможуваат да се занимаваме со оваа професија. Инаку со таа плата не се живее. Млади фоторепортери нема, не се произведуваат- вели Ѓуриќ.

Сите се сложуваат дека има 2-3 медиуми кои бараат фоторепортери, но во моментов нема кого да вработат.

-Сите газди бараат готови фоторепортери, но и со нивна опрема. Сега се работи за 16.000 денари, а најмногу платени се со 30.000 денари, но не репортерите туку новинарите. Но и тие се бројат на рака- велат тие.

Опремата која ја користат е купена од странска агенција, некои делови сами ги купиле. Тврдат  дека за десет години, а може и помалку ќе нема фоторепортери во земјава.

-Има малку сериозни медиуми, третманот е никаков, се крадат фотографии, никој не почитува ништо. Ние на -10 одиме пред суд на пример, чекаме со часови, правиме слики, а некој седи на топло и веднаш ја зема фотографијата без да биде казнет. Само неколку портали имаат фоторепортери, останатото се само крадени фотографии- вели Личовски.

Ѓуриќ вели дека крадњето на фотографии е најголем проблем, се борат да почне да се применува законот со кој ќе се казнуваат сите кои не го почитуваат авторското право.

-Казните иако законски се драконски, никој не ги плаќа. Секогаш завршуваат со договор, но тоа е наша добра волја, секоја фотографија треба да се заштити како индустриска сопственост за да се платат казни за кражби- вели Ѓуриќ.

Томислав Георгиев објаснува дека проблем е што порталите уште не се дефинирани како медиуми.

– Но не се проблем само фотографиите туку и текстовите. Нема леб во една професија ако не се работи авторски. Време е газдите да сватат дека мора да се вработи и фотограф и новинар ако сака сериозен пристап кон публиката. Се додека има човек медум, ќе има проблеми и со авторските текстови и со авторските фотографии- вели Георгиев.

Според нив, во Македонија во моментов е комплетен медиумски хаос. Од 70 потрали, само неколку имаат фотографи. Друг проблем е сега нема школи за фоторепортери. Никој не вложува во нови кадри.

– Порано со години се образувавме и учевме, посетувавме курсеви, обуки на светско ниво. Сега тоа не постои и многу е лошо, никогаш не било полошо. Сега сите ја сватија моќта на фотографијата дека е доказ на суд, посебно ако се објавени на социјален медиум. Така ние сме сериозен таргет и сме имале многу сериозни ситуации- вели Личовски.

За опасните ситуации во кои се имаат најдено велат дека ги имало онолку колку што имаат и искуство.

-Со тек на време стекнуваш искуство и знаеш како да се однесуваш. Знаеш кога да кренеш апарат, а кога не. Сега скоро дојде наш колега од Грција цел потечен. Изел ќотек од „Златна зора“, го утепале. Кај нас одамна нема некој изедено ќотек, но сме јаделе ќотек и тоа многу пати. По мене пукале три пати, кршеле опрема. Додека не го доживееш тоа, не знаеш како изгледа некој што не те знае, нема ништо лично против тебе, а сака да ти го одземе животот. Многу тешко е да го свариш тоа, но таква е професијата. Мавале и со камења по нас- вели Личовски.

Роберт и Томислав веелат дека често се колатерална штета, гаѓаат по новинари, по полиција, но најчесто тие страдаат. До сега биле многу пати и на курсеви за заштита. Таму учеле како да се однесуваат во одредени ситуации.

-Странски агенции плаќаат животно осигурување кога одиш на настан . Така и настрадуваат луѓе, те понесува ситуацијата и влегуваат во непромислени ситуации- велат фоторепортерите.

Во текот на нивните кариери напуштале прес- конференции, митинзи доколку не ги почитува некој, или лошо се однесува. Трчале по нив да ги вратат, но секогаш биле сложни и единствени и стоеле на одлуката дека нема да ја пренесат информацијата која доаѓала од местото од кое си заминале.

-Сите влади имаат однос кон медиумите кој доведува до стеснување на просторот. Почна со претходната влада, продолжи со оваа и веројатно ќе продолжи и после неа. Колку помалку места за нас има, толку подобро за нив. Ако не им одговара го стеснуваат просторот. Најлошо за професијата е што кај нас секој политичар, градоначалник, министерство има свој фотограф, пуштаат фотографии по сите редакции кои се користат. Тие се државни службеници. Во светот тие фотографии се лични за Претседателот и Премиерот и не се за јавна употреба. Кај нас се воведе пракса овие фотографии кои се цензурирани да се праќаат бесплатно до сите редакции. Ова е директен упад во нашата професија. Газдите се задоволни од тоа, ги користат, а тоа е дирекно мешање во нашата професија, во работните места. Се оди по логика- зошто ми е фотограф кога од секаде добивам готови фотографии.  Но не се свесни дека тоа се пи- ар фотографии и самата постапка е надвор од сите демократски стандарди. Дирекно е загрозена професијата. Ова го има само на Балкан, но најизразено е во Македонија. Ова е цензура- велат фоторепортерите.

-Во Белата куќа има неколку фотографи, но од нив ни една не е објавена од страна на медиум, тоа е потценување за медиумите. Кај нас масовно се користат цензурирани фотграфии. Порано сите се плашеа од медиумите сега никому не му е гајле. Порано сме креирале насловни страни врз основа на фотографии. Сега го нема тоа- вели Георгиев.

Ѓуриќ вели дека сликале избор на папа, евровизии, светски првенства во фудбал, ракомет.

-Привилегија е да бидеш таму, некои плаќаат по 1.000 евра да бидат таму, тебе ти плаќаат.

Најдобар за фотографирање од нашиве јавни личности е Никола Димитров. Има респект кон нас и знае како да се однесува, да се намести, да го намести гостинот, да позира. Протоклот е цела наука. Никој од претходните политичари не водел сметка- вели Личовски.

Објаснува дека првиот претседател, Киро Глигоров не почитувал ниту протокол, ниту договор.

-Ќе се договориме каде да стои, ќе го наместевме, а тој ќе излезе и на врата ќе го чека гостинот. Тука нема добра фотографија. Сум бил и на првиот официјален дочек на државник во самостојна Македонија. Доаѓаше турскиот претседател. Поворката за пречек три пати правеше проби колку им треба од Скопскиот Аердром до Претседателска вила. Но на крајот на третата проба требаше да слета авионот. Е тогаш беше смешно. Турскиот претседател слетува, Глигоров го нема. За тоа турскиот авион  два пати вртеше над Скопје за да стигне претседателот да го пречека гостинот. Од тогаш, па се до сега протоколот е хаос. Не се оправи воопшто. Како доаѓа нова власт, така се менува и протокол. Тие не треба да се менуваат. Ама кај нас е обратно- вели Личовски.

Што се однесува до јавните фаци од шоу бизнисот, велат дека многу не ги следат. Стојат на став дека кај нас нема селебрити, нема Ред Карпет, нашиве луѓе не сваќаат дека најголемите ѕвезди кај  нас се политичарите.

Според нив, Македонија, иако е мала по површина, има многу места за сликање и за репортажи. Дел од нив се, маратонот во Охрид, карневалите во Вевчани и Струмица. Објаснуваат дека  репортажите како жанр кај нас исчезнале.

-Нема дневници, нема возила, а има што да се прави. Често од нас, од нашите фотографии потекнува помошта за социјално загрозени семејства, се носи помош како резултат на објавени приказни и бенефитот е голем и за нас и за нив. Гледаме дека сме направиле нешто. Во Македонија има убави работи кои можат да се објават, мора да излезеш од Скопје за да ги видиш. Но за жал медиумите сами не можат да се одржат, да дадат плати, а камоли да финасираат репортажа. Но многу е убаво кога истата таа ако ја направиш ќе ти објават пример во Гардијан, во некои светски магазини, Национал Географик. Македонија има места за репртажи, но нема пари за нив. Затоа се се сведува на дневно политички шеми- велат фоторепортерите.

Раскажуваат за времињата кога се случувало фтографијата да креира насловна страна.  Сега нема цена фотографијата. Никој не го интересира овде каква фотографија имаат.

-Сега нема нови генерации кои сакаат да учат. Платата е минимална. Сликаат свадби, земаат 50 евра и позадоволни се. Но ние сме професионалци, свадби не сликаме. Среќа е што објавуваме секаде во светот. Сме имале насловни страни во светски медиуми, Њусвик, Тајм, но никој медиум не го објави тоа. Сите сме наградувани со балкански награди. Имаме Фотки на годината на Уницеф,  Личовски има фотографија објавена како една од највлијателни 100 фотки на деценијата. Во Македонија не се вреднува ништо. Овде луѓето може ви простат се освен успех- велат фоторепортерите.

Валентина Ангеловска

Нови вести

Стоилковски до Костадинов: Уценет човек жив ѓавол, зборуваш за сѐ друго само не за куферот пари

Igor

Костадинов му одговори на Стоилковски: Ниту ќе ме исплашите, уште помалку ќе ме спречите да ја говорам вистината

Igor

Гостивар доби монументална скулптура со името на градот

Igor