Дваесет и пет експерти и претставници на граѓанскиот сектор од областа на урбаното планирање, урбанизмот, архитектурата, сообраќајот, енергетиката и заштитата на животната средина, се дел од новоформираниот Градски еко совет – Зелен совет на Град Скопје. Овој Совет има за цел да креира политики од областа на екологијата, сообраќајот, урбаното планирање, да предлага стратегии и да дава совети за иднината на развојот на Скопје.
“Започнуваме нова пракса во работата на Град Скопје. Овој Совет има за цел да ни помогне на нас скопјани со заеднички и насочени активности да создаваме подобри услови за живот во градот. Време е да се поставават основите за креирање системски решенија за проблемите на Скопје поврзани со екологијата. Преку овој Совет ќе се бориме и против урбанистичкиот хаос во градот, ќе се креираат конкретни политики и препораки кои со акциски план и конкретни временски рамки ќе се овозможи следење и контрола на исполнувањето на плановите во пракса“, изјави на состанокот градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.