February 2, 2023 21:48
Спорт

Формиран градски фудбалски клуб Куманово

Куманово доби градски фудбалски клуб, откако се споија три постоечки приватни клуба, а со поддршка на општината, информираа денеска надлежните. Општинскиот сојуз на спортови го поддржа формирањето на клубот со милион и сто илјади денари.

– Поради несоодветни инфраструктурни капацитети на градскиот стадион, тренинзите периодов ќе се реализираат на спортскиот терен на ФК Студена вода во Доброшане и на теренот кај спортската сала, информира претседателот на Градскиот фудбалски клуб Куманово, Владимир Павловски.

Иницијативата, како што појасни Павловски за формирање на градски фудбалски клуб после скоро две децении потекнува од иницијативата од фудбалските работници од Куманово, Тони Раденковиќ од ФК „Куманово 2012″, Александар Маневски од „ФК Еуроспорт” и Ненад Крстевски, „ФК Студена вода”.

Според очекувањата на надлежните следната сезона 2024-2025 клубот ќе влезе во втора лига. Тренинзите на младите категории ќе се одвиваат на теренот кај спортската сала во којшто ќе учествуваат сите школи.

– Тенденција е да се повикаат сите фудбалски клубови да влезат во ГФК Куманово за да развиваме нови таленти да може да настапуваме во повисоки лиги, изјави Павловски.

Клубот е регистриран во декември лани и добил засилување со двајца кумановци коишто веќе играле во втора лига. Освен од општина Куманово, клубот очекува поддршка и од Фудбалската федерација.

– Во овој зимски период спортските работници коишто учествуваат во ГФК Куманово успеаја да донесат два нови играчи од „Локомотива” Скопје и од „Борец” Велес, тоа се кумановци коишто имаат веќе играно во втора лига и коишто ќе го засилат овој тим за амбициите да се реализира проектот за влез во втора лига. Моментално клубот е поддржан минимално со милион и сто илјади денари од Сојуз на спортови, претпоставуваме дека ќе бидат доволни да се заврши оваа полусезона, а очекуваме од општина Куманово, како и ги повикуваме сите успешни бизнисмени од Куманово да се вклучат во овој проект и да помогнат во развој на клубот. Општина Куманово прави напори да се обезбедат средства коишто моментално ги нема, се работи за средства коишто би требало да бидат обезбедени од Фудбалскиот сојуз на Македонија, така што упатуваме и апел до ФФМ да ни обезбедат средства за да може да го реконструираме градскиот стадион и помошните терени каде што би можело да продолжи развојот на фудбалот, изјави Павловски.

Тимот ќе се докомплетира во текот на летниот период пред почетокот на следната сезона 2023/2024 година и амбиција е следната сезона да се напредува и да се обезбеди влез во втората лига.

Пред неколку години Владата и ги врати во владение на општината неколкуте големи спортски објекти, градскиот стадион, Соколана, спортска сала и стрелиште.