Во пресрет на заедничката седница на владите на Северна Македонија и Бугарија на 25 јануари, и од Скопје и од Софија се испраќаат пораки за нов пристап во решавањето на билатералните отворени прашања. Владата на вчерашна седница донесе решение за назначување на копретседавачи и членови во заедничките меѓувладини работни групи за продлабочување на билатералната соработка меѓу земјава и Бугарија, а бугарскиот премиер Кирил Петков пред седницата на неговата Влада порача дека и Скопје и Софија мораме да го исполнат поголемиот дел од задачите што не се завршени.
Дополнително, вицепремиерот Маричиќ оцени дека новиот пристап кон решавањето на отворените прашања со Бугарија ветува позитивен исход и дава нова вредност во заложбата на Северна Македонија за пристапување кон ЕУ, додека министерот за надворешни работи Бујар Османи најави дека за неколку дена ќе има предлог за наш амбасадор во Софија.