August 20, 2022 02:18
Македонија

Формирана работна група за штрајкот на вработените во УВМК

Разговаравме со директорот на Управата за водење матични книги (УВМК) нешто договоривме и формиравме работна група која работи на надминување на проблемот и верувам дека ќе имаме резултати на тој план, информира министерот за правда Никола Тупанчески на денешната прес-конференција одговарајќи на прашање поврзано со штрајкот на Управата за водење на матични книги.

Министерот појасни дека уште првиот ден кога тие дошле пред Министерството за правда, ги примиле заедно со директорот и со сите заинтересирани страни за да поразговараат околу штрајкот.

– Првично од формално правен апсект, работата не е во полза на Управата за водење матични книги. Треба да се потпише колективен договор, а нивното барање е надвор од законскиот пропис, односно надвор од Законот за јавна администрација, како формална пречка, рече Тупанчески.

Тој вели оти успеале да договорат неколку работи како супститут што би можеле да им го заменат нивното барање, да добијат некакви погодности, на пример унапредување во службата, некакви додатоци итн..

– Треба да се биде внимателен да не се излезе од законската рамка од една страна, а од друга страна да се излезе во пресрет на барањата на штрајкувачите. Голем дел од претставниците на Управата, последна проценка на директорот е дека една петтина, или 20 до 25 посто од нив не работат. Со тоа што, да не заборавиме дека и кога е штрајк треба да се штрајкува во просториите каде се работи и имаме сознанија дека дел од нив воопшто не се појавуваат на работа, тоа треба комплексно да се разгледа, вели Тупанчески.

Управата, посочи тој, порано беше сегмент од МВР, а потоа е дел до Министерството за правда.

– Може да разговараме за моделот, треба да им се најде, заради спецификата на работата, вистинското место, дали тоа е Министерството за правда е прашање за кое и јас барам одговор. Може да се разговара за евентуално реалоцирање каде што би можело да биде поприродно нивното место и нивната улога, рече Тупанчески.

Независниот синдикат на Управата за матични книги го започна генералниот штрајк на 27-ми минатиот месец. Независниот синдикат бара колективен договор на ниво на работодавач, линерано покачување на платите и унапредување на работните позиции.