December 9, 2022 12:58
Свет

Фон дер Лајен бара безбедносни проверки на клучната европска инфраструктура

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен се заложи за воведување безбедносни проверки на клучната европска инфраструктура, вклучително и енергетската, по истекувањето на гас од гасоводите Северен тек 1 и 2 во Балтичкото Море, чие подводно оштетување се смета за саботажа.

Овие два гасоводи ја поврзуваат Русија, извозник на природен гас, со Германија и остатокот од Европската Унија, пренесува Бета.

Фон дер Лејен рече дека минатонеделната штета на Северен тек 1 и 2 „покажа колку е ранлива нашата енергетска инфраструктура” и дека е потребен сеопфатен план за да се заштити безбедноста на клучната европска инфраструктура, вклучително и информациската.

– Треба да провериме како нашата инфраструктура реагира на притисоците, рече Фон дер Лејен пред пратениците на Европскиот Парламент во Стразбур, Франција и додаде: Треба да утврдиме дали имаме слаби точки и каде се тие слаби точки.

Според неа, за утврдување на потенцијалните закани ќе се користи сателитски надзор. – Ќе работиме со земјите-членки за да обезбедиме ефективни стрес-тестови во енергетскиот сектор, а истото ќе следи и во другите високоризични сектори како што се офшор дигиталната и енергетската инфраструктура, прецизираше Фон дер Лајен.

Владите на Данска и Шведска објавија дека биле употребени неколку стотици тони експлозив за оштетување на гасоводот. Заедно со природниот гас, во атмосферата истече и огромно количество метан како негова компонента – стакленички гас кој е поопасен за климата на планетата од јаглерод диоксид.

– Експлозиите мора да се видат во светло на влошената безбедносна ситуација во Европа. Имамепричини да веруваме дека станува збор за саботажа. Во овој момент не можеме со сигурност да кажеме кој е одговорен,  изјави денеска шведската премиерка Ен Линд.

Минатата недела рускиот претседател Владимир Путин ги обвини западните земји – поточно „англосаксонците” – за напад на два гасоводи, што САД и нивните сојузници го отфрлија.