December 3, 2022 09:10
Свет

Фијала: Целта на Самитот на ЕПЗ рамковно усогласување по прашања од областа на безбедноста, енергетиката, климата

Перт Фијала, премиерот на Чешката Република која претседава со Европската унија, го најави првиот Самит на 44 шефови на држави во Европа како можност за понеформални дискусии за прашања од областите на безбедноста и мирот, економската и енергетската криза и за целите во заштитата на животната средина.  

„Чешкото претседателство со ЕУ е соочено со огромни предизвици и кризи низ кои поминува Европа, што ќе бидат тема на првите разговори на Европската политичка заедница, независно дали се работи за мирот и безбедноста, енергијата, животната средина, економијата. Целта не е да се дојде до никакви писмени заклучоци, целта е да се разговара и да се создаде некаков рамковен договор по однос натамошното дејствување на европските земји во тие области”, рече Фијала кој е домаќин на Самитот на која учествуваат сите држави од Континентот освен Русија и Белорусија.

Програмата на Самитот остава многу простор за билатерални средби по двете предвидени тркалезни маси – првата на тема мир и безбедност и втората за економија, енергија и климатски прашања  

Самитот попладнево ќе го отвори премиерот на Чешката Република додека претседателот Милош Земан ќе им се обрати на претседателите на држави и влади на последната пленарна седница за време на вечерата во претседателскиот замок Храдчани.  

Чешка, како домаќин на Самитот, првично беше скептична кон новата политичка иницијатива на францускиот претседател Емануел Макрон. Иницијативата за Европска политичка заедница во Прага дури отворено ја нарекоа „макронова стапица”, со забелешки дека одредени држави на ЕУ го користат тој формат за да го одложат проширувањето на ЕУ, меѓу останатите и со државите од Западен Балкан.

„Скептичните земји како Франција би можеле да им понудат на земјите-кандидати европска политичка заедница и да ја направат вечна чекална за ЕУ”, рече европратеникот Александар Вондра, поранешен министер за одбрана во владите на Граѓанската демократска партија, .

„ЕПЗ не е ништо повеќе од размислување за тоа како ЕУ, во овие тешки времиња кога имаме војна во Украина, би можела да воспостави поблиска соработка со цела низа земји надвор од ЕУ, без разлика дали тоа е Велика Британија, Норвешка или Швајцарија. Се разбира и Украина и Турција бидејќи во Европскиот парламент има низа дебати за тоа што ново ЕУ може да им понуди на Украина и на Турција”, изјави чешката европратеничка Дита Харанзова.