January 30, 2023 02:07
Балкан Свет

Фијала: Зближувањето на ЕУ и земјите од Западен Балкан успева

Чешкиот премиер Петр Фијала денеска, пред да оди на самитот Европска Унија – Западен Балкан во Тирана, оцени дека зближувањето на ЕУ и земјите од Западен Балкан успева.

Тој оцени и дека тоа што средбата по првпат ќе се одржи во регионот, претставува сигнал за поддршка за многу блиските партнери ЕУ.

-Приближувањето успева, како што покажува и денешниот Самит, кој првпат директно се организира во регионот на Западен Балкан. Тоа е јасен сигнал за поддршка за земјите кои се многу блиски партнери на ЕУ. Стабилноста во регионот е во интерес на ЕУ, изјави Фијала за новинарите на аеродромот во Прага пред да замине за Тирана.

Премиерот на Чешка, која ќе претседава со ЕУ до крајот на годината, најави дека на Самитот ќе разговараат и за заедничката платформа на ЕУ и Западен Балкан за набавка на гас и водород и конкретни чекори за ублажување на последиците од руската инвазија на Украина врз цените во Европа, во кои би можел да учествува и Западен Балкан.

-Во тензична ситуација, ова треба да доведе до пониски цени и поголема достапност на изворите на енергенси. ЕУ му помогна на Западен Балкан со пакет од една милијарда евра да ја намали зависноста на регионот од рускиот гас, рече Фијала.

Важна тема на Самитот, според Фијала, ќе биде и илегалната миграција преку балканската рута, и во овој контекст тој смета дека важен елемент во борбата против илегалната миграција ќе биде брзото усогласување на визната политика во регионот со визната политика на ЕУ.

-Заштитата на Шенген зоната треба да се премести на југ, пред нејзините граници. Западнобалканската траса ја користат шверцери. Мораме да ги спречиме овие трговци со човековите несреќи и да го намалиме бројот на илегални мигранти. ЕУ и нејзините земји-членки ги поддржуваат земјите од Западен Балкан да ги заштитат своите граници, истакна чешкиот премиер.