December 3, 2020 15:08
Македонија

Финални договори за комплетирање на владиниот кабинет

Наредниве денови треба да биде комплетиран владиниот кабинет со  заменици-министри и државни секретари, а коалициските партнери ги договараат и директорските позиции во институциите.

Демократската унија за интеграција ќе предложи заменици во пет министерства.

-Со коалицискиот партнер СДСМ договорени сме за поделбата на позициите на замениците министри, државните секретари, како и основната поделба на некои од директорските места. Но, тоа всушност не е поделба туку замена на ресорите, на пример АД Пошта со МЕПСО, Фондот на ПИОМ со ЈПДП. Се работи само за размена на директорски места за да бидеме многу попродуктивни и луѓето да дадат подобри резултати на нивните нови работни места, рече вчера првиот вицепремиер Артан Груби.

Тој се надева дека денеска или утре ќе бидат заокружени имињата на замениците-министри и државните секретари и најави дека ДУИ ќе има и пет државни секретари.

Првиот вицепремиер како шпекулации ги оцени информациите дека се разговарало и за имиња кои треба да ги преземат директорските функции во јавни институции. -Директорските места не се поделени. Ние имавме размена на пет директорски места со пет други директорски места, појасни Груби. Тој додава дека имињата се уште не се знаат, но оти ќе бидат соопштени преку претставници на нивната партија, а не преку социјалните мрежи.

Во коалицијата „Можеме” се уште се договараат кадровските решенија. Дел од замениците-министри треба да дојдат од редовите на коалициските партнери на СДСМ, кои останаа без претставници во Владата откако беа укинати неколку министерски функции без ресор.

Премиерот Зоран Заев минатата недела изјави дека нема проблеми во распределбата на местата, туку дека само се води квалитетна дебата да се најде заеднички јазик на местата да се постават најквалитетните кадри кои се на располагање.

Ова, рече, е процес во кој се водат разговори со партнерите, сакаме да го избереме најквалитетното од тоа што го имаме како понуда, рече премиерот Заев.