December 1, 2021 23:53
Култура

„Филмот продолжува“ со 12-от Мобил фестивал

Повеќе од 40 филмови достапни за бесплатно гледање онлајн до 1 декември

Четириесет и еден филм од 27 земји ја чинат програмата на годинешното 12-то издание на Интернационалниот фестивал за филмови снимени со мобилен телефон „Мобил фестивал“ што под мотото „Филмот продолжува“ се одржува од 25 ноември до 1 декември. По првпат фестивалот се одржува во хибридна форма – онлајн на VoD платформата Cinesquare.net од денеска до 1 декември и во Кинотека на Северна Македонија на 1 декември.

На конкурсот за годинешното издание пристигнаа повеќе од 1.000 филмови од целиот свет од кои во навистина тежок избор беа избрани најдобрите, меѓу кои и три македонски филмови. Од минатата година филмовите од програмата се достапни во 13 земји од регионот со што Мобил фестивал добива регионална димензија.

Сите филмови се бесплатни за гледање. Традиционално, филмовите ќе се натпреваруваат за признанието „Ратка Илиевска-Лале“ за најдобар филм, а ќе бидат доделени и награди за најоригинална приказна, за најинвентивен филм и за најдобра идеја, за кои ќе одлучи тричлено жири.

Организатор е продуцентската и дистрибутерска куќа „КТ Филм и Медиа“, а проектот е поддржан од Град Скопје.