November 30, 2020 14:49
Магазин

Филмот не е на продажба: „МГМ“ ги отфри шпекулациите околу филмот за Џејмс Бонд

Продукцијата чинеше 250 милиони американски долари, а во светот пред пандемијата беше речиси сигурно дека ќе заработи милијарда долари во светски рамки.

Но, откако повторно ја одложи премиерата на најновиот долгоочекуван 007 филм „Не е време за умирање“, студиото МГМ („Метро Голдвин Мејер“) се обидува да ги демантира шпекулациите дека размислува да го понуди на стриминг-платформа со едногодишен договор за лиценца вреден 600 милиони долари.

„Ние не ги коментираме гласините. Филмот не е на продажба. Премиерата на филмот е одложена до април 2021 година со цел да се зачува искуството на одење во киносала за љубителите на филмот, изјави за „Варајети“ портпаролот на „МГМ“.

„Блумберг“ претходно објави дека на стримерите „Нетфликс“, „Амазон“ и „Епл“ им било пристапено во врска со можноста филмот да биде понуден за Премиум ВОД.

Ваквите наводи доаѓаат откако продуцентот на „МГМ“ и Бонд серијалот, Барбара Броколи реши повторно да го одложи „Не е време за умирање“ од најавениот датум за премиерно прикажување на Денот на благодарноста поради пандемијата. Сега планот е тоа да се случи во април следната година.

Сепак, според порталот „Дедлајн“, никој од стриминг-гигантите не бил подготвен да одвои повеќе од половина од износот што го барал студиото.