October 26, 2020 16:47
Македонија

Филипче: Ќе набавиме тестови за Ковид-19 кои даваат резултати за 15-на минути

Министерот за здравство Венко Филипче вечерва најави дека со помош на Светска банка ќе набават најсовремени тестови за Ковид-19 кои даваат резултати за 15-на минути.

– Сега сме во фаза во која со помош на Светска банка ќе набавиме најсовремени тестови кои се ултра брзи и кои ќе бидат дистрибуирани во болниците, во критичните места во здравствените домови, како и кај матичните лекари според потребата и индикацијата. Станува збор за тестови кои се готови и даваат резултати за 15-на минути, наспроти сега најбрзите 45 до 50 минути или процес од неколку часа. Се повеќе напреднува технологијата во оваа сфера и тоа е нешто што значајно ќе ја смени сликата и достапноста до тестовите, рече Филипче во дневникот на Сител.

Министерот информира дека направиле анализа на смртноста, и најави дека за многу кратко време, односно за неколку дена ќе биде завршена во Клиниката за инфеткивни болести, а веројатно во текот на следната недела и во ГОБ „8 Септември”. Првичниот увид, според него, укажува дека има сериозен процент на смртни случаи кои се случуваат во првите неколку дена после приемот.

– Апсолутно во огромен процент пациентите доцна се јавуваат во болница и покрај нашите апели и покрај укажувањето на матичните лекари дека треба да се јават во болница, сепак голем процент одлучува да се лекува дома.Тоа го констатираме по тоа што навистина на приемот во болница парамтерите на сатурација со кислород, капацитетот на дишењето се толку лоши, и што и да се направи за жал на тој дел од пациентите не може да им се помогне, посочи Филипче.

Во однос на третманот на пациентите, Филипче рече дека тој е идентичен како и во сите развиени европски земји уште од самиот почеток.

– Како излегуваа препораките ние ги имплементиравме преку Комисијата, ги анализиравме стручните лица, експертите, специјалистите на Клиниката за инфективни болести, болницата „8 Септември”, дистрибуцијата, протоколите во сите други одделенија. Нема лек кој недостасува. Меѓутоа се повеќе има нови и нови сознанија. На пример последно сознание е дека витаминот Д најмногу помага не само во превенцијата туку и во третманот на болеста. Одлични резултати имаат тие пациенти кои се лекуваат со висока доза на витамин Д. Се уште имаме работа за која не знаеме се. Нови сознанија излегуваат практично секојдневно, додаде Филипче.