January 27, 2021 18:29
Македонија

Филипче: Медицината е мојот животен пат, а во неа нема работно време

Пандемијата со ковид-19 ја одбележа 2020 година. Поновата светска историја не памети пандемија од вакви размери. Таа ги измести здравствените системи насекаде во светот и ги постави во ситуација, практично, да се фокусираат на една патологија, болест за која, тогаш кога се појави, речиси и да не се знаеше ништо- вели за 24 инфо првиот човек на Министерството за здравство Венко Филипче. Со него разговаравме за можни лекарски грешки кај пациенти кои го изгубија животот од ковид 19, за вакцнацијата која ни престои, за капиталните инвестиции кои следуваат во оваа година.

На почеток сме на 2021 година. Како прв човек на Министерството за здравство по што освен по пандемијата со ковид 19 ќе ја паметите изминатата година?

Факт е дека пандемијата со ковид-19 ја одбележа 2020 година. Поновата светска историја не памети пандемија од вакви размери. Таа ги измести здравствените системи насекаде во светот и ги постави во ситуација, практично, да се фокусираат на една патологија, болест за која, тогаш кога се појави, речиси и да не се знаеше ништо. Сите предвидувања за однесувањето на вирусот, базирани на искуствата од претходни вируси слични на ковид, не се остварија. Вирусот се покажа крајно непредвидлив, а за него светот и медицината учеше во од, соочени со притисок на негово енормно брзо ширење.  Во контекст на Ковид, оваа година ќе остане како година во која нашиот здравствен систем целосно се престрои и се реорганизраше на начин на кој досега никогаш тоа не се случило. И јас лично сум задоволен и исклучително горд на моите колеги, здравствените работници, кои покажаа високо ниво на професионалност, сплотеност и колегијалност и во ниту еден момент не подклекнаа под притисокот. Ковид -19 донесе тага и неизвесност, социјални, социолошки и економски промени насекаде, па и кај нас и веројатно ќе треба уште некое време да се вратиме во нормалниот колосек, оној што го имавме пред пандемијата. Но, оваа година имаше и убави работи кои се случија во нашето здравство и по кои јас лично ќе ја паметам. Конкретно, тука ќе ја споменам првата трансплантација на срце во нашата земја на државната кардиориргија, која се случи среде пандемија, во мај годинава. Ова беше историски момент за македонското здравство кој освен што ги постави темелите на трансплантација на срце, беше и импулс за подигнувања на свесноста за органодарарителство како највисок чин на алтруизам и хуманост.

Бројките покажуваат реално намалување на бројот на заразени паценти со корона. Какво е вашето предвидување за после празниците?

Ние веќе четири недели во континуитет бележиме пад на бројот на новодијагностицирани случаи и процентот на позитивни од тестирани, а се намалува и бројот на починати. Воедно, спласна и притисокот врз болниците. Болнички кревети за хоспитализација има насекаде во земјата. Ова е индикација дека овој бран полека ја губи силата и дека мерките кои се на важност дадоа резултат. Никако не смееме да се опуштиме. Мора да бидеме одговорни и да го задржиме овој тренд, за да не ни случи епидемијата да ескалира по празниците. Тоа значи да продолжиме да ги почитуваме мерките за заштита и да нема групирања за празниците.

Има ли некоја лекарска грешка до сега кај пацинетите кои млади ги изгубија животите од ковид 19?

Пред се сакам да кажам дека искрено жалам за секој загубен човечки живот и сочувствувам со семејствата, но сигурен сум дека за секој пациент е направено се што можело да се направи. Ќе повторам, овој вирус се покажа како крајно непредвидлив, па одтука и манифестацијата на болеста кај различни пациенти е различна. Имаме дијаметрално спротивна слика на болеста, од пациенти кои се асимптоматски и кои практично и не знаат дека го имаат вирусот, до пациенти кај кои гледаме исклучително тешка клиничка состојба. Или пак пациенти кај кои од една стабилна состојба одеднаш настапува влошување кое завршува со летален исход.  Но, најодговорно тврдам дека лекарите и целиот медицински персонал даваат се од себе во лекувањето на секој пациент.

Дел од вашите колеги велат дека по ковид 19 не треба да ни се случи пандемија со карциноми поради одлагање на дел од контролните прегледи како колоноскопии ,гастроскопии, биопсии на тумури. Кога треба реално да очекуваме враќање на здравството во нормала?

Точно е дека еден краток период некои прегледи и интервенции беа одложени, но интервентниот програм и лекувањето на пацинетите со малигни заболувања никогаш не застанаа. Во континуитет се вршеа сите итни прегледи и интервениции. Од септември, практично, редовниот програм сосем нормално функционира и покрај реорганизацијата на установите и  медицинскиот кадар. Во системот МојТермин има термини за сите овие прегледи кои ги споменувате. И на интерните клиники кои сега работат како ковид центри ние не го запревме редовниот програм. Направивме таква организација и физичка поделба на објектите со која дел од овие клиники работат со ковид, а дел со патологијата за која е специјализирана клиниката. Лекови и терапија обезбедуваме во континуитет за сите пациенти. Хронично болните, пациентите со малигни заболувања за кои обезбедивме и дисперзирана терапија, пациентите со ретки болести за кои годинава и ја проширивме листата. Тоа е лекот за возрасни пацинети со спинална мускулна атрофија. Ние дополнително и го олеснивме целиот процес на препишување на хронична терапија преку е-рецепт.  Хроничните болни повеќе не треба да одат кај матичен лекар за да им биде препишан и издаден хартиен рецепт. Мислам дека сосем успешно го бајпасиравме овој навистина тежок период и покрај притисокот врз здравството овозможивме грижа за секој пациент.

Во време на пандемија со ковид 19 никој не е заштитен од болеста. Кога реално треба да ја очекуваме првата вакцина во земјава ?

Вакцини во нашата земја ќе стигнат во првото тримесечје од 2021 година . Преку Ковакс механизмот очекуваме 833 илјади дози, а почнавме и преговори за директна набавка. Членките на ЕУ добија вакцини против Ковид 19, од пратката од 400 милиони дози кои ги обезбеди Унијата. Република Бугарија се обврза на нашата земја да и донира дел од вакцините против Ковид 19 кои ги обезбедува директно од прозиводителите. Грција како и Полска прифатија да посредуваат за вакцини против ковид 19, од дозите што ЕУ ги набави за земјите кои не се членки во Унијата.

Дали ќе се вакцинирате против ковид 19?

Апслоутно, да. Точно е дека вакцината против Ковид-19 е развиена за период за кој досега не била развиена ниту една друга вакцина, но таа е развиена на сигурна платформа, како и сите други вакцини за други болести, и јас немам никаков сомнеж во квалитетот на вакцините.  Вакцината нема да биде задолжителна. Таа ќе биде бесплатна и на доброволна основа. Ги охрабрувам граѓаните да се вакцинираат. Овој вирус покажа колку е тешко кога за некоја болест нема ниту лек ниту вакцина, а вакцинацијата е единствениот начин да излеземе од оваа пандемија и да им се вратиме на нашите животи кои ги имавме пред ковид-19.

Како се слави Нова година и Божиќ во вашето семејство вообичаено, а како ќе биде годинава?

Празниците се време за семејството, за најблиските. Тоа е традиција и во моето семејство. Вообичаено за празник се собира поширокото семејство, но годинава направиме исклучок. Oстанaвме дома во најтесниот круг и така ќе ги прославиме празниците.

Како ви поминува еден работен ден има ли разлика од пред и после пандемијата?

Мојот работен ден и пред и во време на корона трае од 14 – 15 часа, можеби звучам нескромно, но медицината е мојот животен пат, а во неа нема работно време. Светската пандемија наметна поголема динамика бидејќи ниту еден здравствен систем, па ни нашиот не беше подготвен да се бори само со една болест. Секој ден не е борба само со корона, туку и организација на здравствениот систем, секојдневни конткти со колегите, консултации за пациенти, долги состаноци за координација, тешки одлуки и лични судбини кои секогаш допираат.. И потоа уште еден нов ден пред вас.

Препорака за граѓаните за празниците?

Пред се, сакам на граѓаните да им посакам добро здравје, среќна и успешна нова година. Знам дека не е лесно да прифатиме дека оваа Нова Година треба да ја дочекаме различно од секоја претходна. Дека ќе изостанат големите собирања, семејни, јавни, во компаниите, но мора да бидеме совесни и одговорни и сите заедно да помогнеме што поскоро да ја надминеме оваа криза. Да прославиме одговорно, во кругот на најблиските. Ќе има време и за дружење и за големи прослави, се може да се надокнади, освен здравјето и животот.

Имате ли некои претпоставки дали летово ќе почнеме да се враќаме во нормала?

И покрај вакцината, вирусот нема да си замине. Точно е дека вакцината ќе ја намали трансмисијата на вирусот, но ќе треба да помине уште некое време пред да профункционираме онака како што сме функционирале пред ковид. Јас не би сакал да давам предвидувања, но сум оптимист и верувам дека ако и натаму се следат мерките за заштита одговорно и дисциплинирано заедно со вакцината, значајно ќе го скратиме времето до излез од кризата.

Капитални проекти кои ви се на листа за следната година?

Заштита на здравјето и животите на граѓаните е пред се и во 2021 година и тоа ќе биде нашиот фокус и годинава што доаѓа. Буџетот за 2021 година на Министерството за здравство е креиран согласно потребите на пациентите, но и според потребите на здравствените работници.  Со средствата наменети за наредната година, ќе се зајакне и унапреди здравствениот систем во земјава. Продолжува континуираната грижа за третман и лекови за сите групи на пациенти, подобрување на условите во јавно-здравствените установи, како и грижа за медицинскиот персонал.  Реконструкција и доградба на објектите на јавно-здравствените установи  во Република Северна Македонија . Медицинска опрема за потребите на ЈЗУ во РСМ . Целосно завршување и пуштање во употреба на Општа болница Кичево . Изградба на нов Клинички центар во Скопје и Штип.

 Што прво ќе направите откако ќе ја победиме пандемијата?

Целосно ќе се посветам на реформите во здравството на кои се обвзравме. Некои проекти течеа, но можеби не со планираната динамика. Некои кои ги планиравме беа одложени заради пандемијата. Но од друга страна, се реализираа низа други проекти како одговор на кризата кои на долг рок ќе се покажат како значајна инвестиција во здравството.

Валентина Ангеловска

 

Поврзани вести

Британскиот сој на вирусот детектиран кај веќе оздравен скопјанец кој немал контакт со странец

Igor

(Видео) Ана од Кавадарци: Жртва сум на „Јавна соба“, доста е, ова треба да престане, секој може да објави и напише што сака

Igor

Починаа деветмина, нови 394 позитивни на Ковид 19

Valentina

Demon Slayer: Kimetsu no Yaiba (Dub) (https://animeheaven.pro/m/XkKQ) Episode 26 at website https://animeheaven.pro animehaven

Watch Slime Taoshite 300-nen, Shiranai Uchi ni Level Max ni Nattemashita Episode Preview at website https://crunchyrollfree.com crunchyroll is it free